Македонско Брајово писмо што ќе биде полноправно признато во светот односно да се кодифицира и стандардизира како единствено писмо за слепите лица во државава бара „Коалиција Менуваме“, чии претставници за таа цел денеска имаа средба во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
За да им се обезбеди македонско Брајово писмо на слепите лица потребно е негово вградување во сите програми за печатење на Брајово писмо, како и во дигитални уреди и во асистивната технологијата.
Претседателот на „Коалиција Менуваме“ Суарет Алишан изјави дека иако основното и средното образование во земјава се задолжителни, Брајовата азбука не е стандардизирана и не е приспособена на македонскиот речник, а универзалната Брајова азбука што сега ја користат, рече, не ги задоволува потребите.
– Ние имаме задолжително основно и средно образование и мора да имаме македонско Брајово писмо. Во следните две и пол години за лицата со оштетен вид Брајовата азбука ќе биде усогласена со потребите на слепите лица. Со тоа, македонската Брајова азбука ќе се најде во сите светски брендови коишто произведуваат Брајови редови, Брајови екрани (читачи). Истовремено, во сите паметни телефони кои ја нудат опцијата релјефен екран ќе има можност и за македонска Брајова азбука и слепите лица ќе може да ја користат во комуникација. Моделот/кодот ќе биде инсталиран кај нас, во „Коалиција менуваме“, и ќе може на сите светски брендови да им го даваме бесплатно – изјави Алишан по средбата со директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска.
Директорката изјави дека барањето на „Колиација Менуваме“ да има нивни претставник во проектот таа ќе го изнесе на седница на Советот на Институтот.
– Ние ќе пуштиме еден, веројатно редовен професор, којшто ќе се вклучи во работата. Ова е многу сериозна работа и сериозна задача затоа што стандардизацијата на Брајовото писмо на македонски јазик е всушност државен чин. Зад секоја стандардизација секогаш стои државата и таа не може да се направи без согласност на државата. Во случајов, очекуваме дека ќе помогнеме во стандардизацијата за и македонскиот јазик да има стандардизирано Брајово писмо – рече директорката на Институтот за македонски јазик.
Притоа додаде дека ќе бараат начин и сите нивни изданија да им бидат овозможени и достапни на слепите лица и со оштетен вид во државава.
Покрај Институтот „Крсте Мисирков“, партнери во овој проект, како што соопшти Алишан, ќе бидат и Факултетот за информатички науки (ФИНКИ), Институтот за специјална едукација и рехабилитација, училиштето за слепи и слабовидни „Димитар Влахов“ и МОН.