Фото: МЗ

Министерот за здравство, Азир Алиу во рамки на денешната работна средба со директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски ја реафирмираа заложбата за континуирано унапредување на третманот на пациентите и условите за работа на здравствениот персонал.

При посетата, како што соопшти Министерството за здравство, Стојаноски го информирал министерот дека веќе се почнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел и кровот на болницата.

-Денес на лице место, заедно со директорот направивме обиколка на болницата. Оваа установа претставува столб на секундарното здравство и е стратешки важна. Веќе се отпочнати градежни активности за реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, со седум операциони сали, боксови за интензивна нега, придружни простории, а со реконструкција е опфатена и кровната конструкција на оваа установа. Со ова значително ќе се подигне нивото на здравствени услуги кои ги обезбедуваме за нашите граѓани- посочил министерот Алиу.

Од Министерството информираат дека болницата кадровски се зајакнува со девет приватни специјализанти, за чие вработување течат законските процедури.