Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), информираат оттаму.
Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
-аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);
-имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
-остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
-во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; и
-целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
-Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот. Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“. За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected] – велат оттаму.

































