Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата во наредниот период да се движи под три проценти, како на месечно, така и на годишно ниво, во рамките на проектираните вредности. Ова тој го изјави денеска, одговарајќи на новинарски прашања, пренесе МИА.

Тој појасни дека кај цените на храната и минатата година биле воведени сезонски мерки, како божиќната и јануарската кошничка, а сличен пристап ќе има и во април. Според неговата оценка, годишната инфлација ќе се задржи под три проценти. Во споредба со регионот, како што рече, стапката е приближно иста, со исклучок на Србија, каде инфлацијата се движи меѓу 2,2 и 2,3 проценти поради мерките за ограничување на цените.

Мицкоски нагласи дека веднаш по укинувањето на тие мерки во Србија ќе дојде до израмнување на инфлацијата, потсетувајќи дека земјава веќе го поминала тој процес една година порано. Поради тоа, Владата се определила за други механизми во борбата против инфлацијата. Во однос на податоците за јануари, кога годишната инфлација изнесувала 3,2 проценти, со месечен пад од 0,7 проценти и раст кај храната од 5,2 проценти, премиерот повтори дека очекува во наредните месеци таа да се стабилизира околу три проценти.

Премиерот посочи и дека постојат држави со значително повисока инфлација од македонската, наведувајќи примери како Романија со 9,8 проценти, Турција со двоцифрена инфлација над 30 проценти, како и Бугарија и Хрватска.

-Очекувам инфлацијата годинава да остане под три проценти и да се движи во рамките на проекциите – изјави Мицкоски по обраќањето на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.

Проекциите на Министерство за финансии остануваат непроменети, информираше министерката Гордана Димитреска-Кочоска, додавајќи дека веќе се забележува стабилизирање на економските состојби.

Таа истакна дека проекциите се базирани на конкретни економски параметри, додека за мерките за справување со инфлацијата надлежна е Народна банка, која веќе презема активности што резултираат со намалување на инфлацијата. Како Министерство за финансии, нагласи таа, продолжуваат внимателно да ги следат состојбите.

Осврнувајќи се на зголемувањето на цените на храната, Димитреска-Кочоска посочи дека по периодот на раст на платите и цените, сега следи фаза на постепена стабилизација. Таа потенцира дека стабилизирањето не се случува преку ноќ и потсети на надворешните фактори кои придонеле за инфлацијата – енергетската криза, постковид периодот и конфликтот меѓу Украина и Русија.

Според неа, претходните политики не успеале навремено да ги ограничат ценовните растови, поради што сега е потешко пазарот да се врати во нормала. Храната, како што истакна, секогаш е најчувствителната категорија поради високата побарувачка.

Министерката нагласи дека Владата активно работи на сите предизвици и дека инфлацијата не достигнува нивоа како во минатото, и покрај глобалната економска нестабилност, трговските тензии и геополитичките ризици.

Во своето обраќање на конференцијата, премиерот Мицкоски се осврна и на цените во маркетите, најавувајќи продолжување на мерките за засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи, анализа на трговските маржи, координација со надлежните институции за спречување злоупотреби и активен дијалог со трговците и производителите.

-Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштита на животниот стандард на граѓаните – порача Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ја дели загриженоста на граѓаните, нагласувајќи дека глобалните економски и енергетски шокови влијаат врз пазарите, но не смеат да бидат изговор за неоправдани маржи и прекумерни профити.

-Пазарната економија подразбира слобода, но и фер конкуренција. Потрошувачите мора да бидат заштитени – заклучи премиерот.