Континуитетот на пожарите е во контекст на тезите дека станува збор за организирана диверзија
Последниот инцидент во Пинтија е само дополнителна порака до институциите, кога веќе ги имаат сите можни индиции за еден вид диверзантски акции, да почнат подлабоко да копаат и да ги обезбедат потребните докази со кои ќе му се стави крај на ваквото тероризирање на граѓаните
Тезите што во своите написи ги изнесе „Нова Македонија“ за тоа дека пожарите што изминатите неколку дена се случија во околината на Скопје се дел од еден вид специјална војна се потврдија уште веднаш, откако ноќта во понеделникот спроти вторникот беше подметнат нов пожар во сервис за возила во Пинтија, како и на нова локација на депонијата Дрисла.
Подметнувачот на пожарот во сервисот во Пинтија беше фатен и на камера, така што повеќе од јасно е дека станува збор за акт на „тероризам“ бидејќи главната намера беше со овој пожар, како и оној на Дрисла, да се предизвика ново ослободување токсичен материјал во воздухот, кој најмногу би се одразил врз здравјето на жителите на Кисела Вода, Аеродром и Ново Лисиче.
Силните експлозии доцна во ноќта на возилата во сервисот предизвикале чувство на паника и страв меѓу жителите, кои се едни од клучните елементи на терористичката тактика.
– По експлозијата набрзо дојде полиција и ни рече дека мора привремено да се евакуираме од безбедносни причини. Надвор се чувствуваше тежок мирис на изгорена гума, така што заминавме кај наши роднини, кои дополнително ги вознемиривме – вели жителка на Пинтија.
Последниот инцидент во Пинтија е само дополнителна порака до институциите, кога веќе ги имаат сите можни индиции за отворени диверзантски акции, да почнат подлабоко да копаат и да ги обезбедат потребните докази со кои ќе му се стави крај на ваквото тероризирање на скопјани.
– Сите индиции се веќе изнесени во јавноста, постои основано сомневање за организирана терористичка активност, така што задача на институциите сега е врз основа на тоа основано сомнение да истражуваат и да трагаат по докази што ќе имаат специфична тежина на материјални докази, кои ќе бидат прифатени од обвинителството и судот. Улогата на истражните органи е да гледаат во повеќе насоки, да трагаат по мотивите и да дојдат до инспираторите, нарачателите, организаторите и извршителите. Камерата во сервисот во Пинтија покажа лице со качулка, но тој човек не падна од небо, туку треба да се анализираат и другите пристапни камери кон тој дел од градот, да се види дали некој го донел, го зел, дали пристапил од горниот дел на населбата. Снимката на камерата е јасна потврда на индицијата дека станува збор за смислено сценарио за загрозување на здравјето на луѓето, предизвикување револт и незадоволство кај нив, на чија карта очигледно некој игра – истакнуваат безбедносните експерти.
Според нив, клучните институции мора максимално да го прошират опсегот на истражни дејства наместо да даваат одговори од типот дека доказите секогаш горат во пожарите и дека тешко се откриваат сторителите.
– Значи кога има индиции, тие треба веднаш да се проверат. Надлежните служби сигурно имаат база на податоци и профили на лица што би можеле да извршат вакви дејства, кои биле обучувани претходно, така што можеби треба да се провери дали некој од нив стои зад ваквите напади. Тешко е да се поверува дека некој неук ќе отиде некаде сам да пали, а притоа да не остави траги по кои ќе биде фатен. Дури и оние што се потплатени да направат такво нешто, добиле нарачка од некого. Како и да е, македонската јавност бара од институциите одговори на заканите, а тоа ќе се постигне само ако се употребат сите ресурси и механизми што поскоро да се дојде до материјални докази што ќе ја разобличат оваа организирана шема за сеење страв и паника меѓу населението, но и загрозување на нивното здравје – заклучуваат експертите. Н.М.
Ѓорѓиевски: Скопје не смее да живее во страв од подметнати пожари
Нелуѓе се подготвени да загрозат животи само за да добијат политички поени. Ова е недозволиво и бара итна реакција. Скопје и неговите граѓани не смеат да живеат во страв од чад, отров и пламен подметнат од криминални и политички мотивирани структури, порача категорично градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при гостувањето на Радио Лидер, квалификувајќи ги пожарите што ја зафатија околината на главниот град како „злосторство против граѓаните“. Според Ѓорѓиевски, станува збор за намерно подметнати пожари со цел за политичка корист, кои, како што истакна тој, се нечовечни и крајно опасни.
Ѓорѓиевски упати директен повик до Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство да преземат итни мерки и да ги идентификуваат и санкционираат одговорните. Тој истовремено најави, во рамките на неговата изборна кампања, дека по изборите, како градоначалник на Скопје ќе ги отстрани депониите од населените места и нема да дозволи да останува отпад во блиските населени точки. П.Р.