Состојбите со владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација, како и Реформската агенда беа разгледани денеска на состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација со Европската унија.
На состанокот на Комитетот посебен акцент е ставен на политичките критериуми и Реформската агенда.
-Како ко-претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација дозволете да изразам задоволство што по пауза од пет години продолжуваме со состаноците на ова тело со која ја потврдивме посветеноста на Македонија кон продолжување на реформите поврзани со европската интеграција и кон натамошно унапредување на соработката со Европската Унија. Ја потенциравме важноста од континуиран политички дијалог, спроведување на реформската агенда и забрзување на процесот на усогласување со правото на Европската Унија, рече заменик-министерката за европски прашања и ко-претседавачка со Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Македонија – Викторија Трајков.
Како што соопшти Кабинетот на Трајков, состанокот на Комитетот за стабилизација и асоцијација со ЕУ заврши со потврда за продолжување на редовната работа на поткомитетите во рамки на ССА и подготовка на наредниот состанок.































