Во институции од јавниот сектор има значаен број вработени кои се на боледување. Во здравството имаме клиники каде 20 проценти од вработените се на боледување, а посебен проблем имаме со боледувањата во полиција, царина и одбрана и во основа веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за боледувања така што размислуваме како да предложеме измени за да се подобри системот на контрола на боледувањата, вели Клековски
Вкупниот број на осигуреници на здравствено осигурување е над еден милион и 820 илјади ошто е повеќе од бројот на жители според последниот Попис. Фондот за здравствено осигурување веќе има иницирано формирање на интерсекторска работна група со цел да се утврди точниот број на здравствени осигуреници.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашко Клековски, меѓу нив најверојатно има македонски државјани кои живеат во странство, а кои не се одјавиле од земјава и продолжуваат да користат здравствено осигурување, но не ја исклучува можноста дека има и лажни осигуреници.
– Над половина од здравствените осигуреници се по други основи, а не по основ на плата и на осигурени деца. Покренавме иницијатива пред Влада да се преиспитаат критериумите. Тоа е интерсекторска работа која ќе потрае бидејќи имаме помалку жители од тоа што во моментот имаме здравствени осигуреници – истакна Клековски во изјава за медиумите.
Од Фондот за здравствено осигурување ќе иницираат и измени на Законот за здравствена заштита со цел да се подобри системот на контрола кај издавањето на боледувањата и боледувања да се даваат на оние пациенти на кои тоа навистина им е потребно.
– Во основа имаме околу 17 илјади боледувања заради болест и околу 10 илјади породилни боледувања. Зголемениот број на барања на контроли произлегува од тоа што во институции од јавниот сектор има значаен број вработени кои се на боледување. Во здравството имаме клиники каде 20 проценти од вработените се на боледување, а посебен проблем имаме со боледувањата во полиција, царина и одбрана и во основа веќе физички не можеме да одговориме на сите барања за боледувања така што размислуваме како да предложеме измени за да се подобри системот на контрола на боледувањата – вели Клековски.
Вели дека често се случува при зголемен обем на работа, персоналот за да ги избегне обврските на работа, да земе боледување.
– Кога тие ќе земат боледување, се поттикнуваат и другите вработени да бараат начин да го избегнат зголемениот обем на работа. Кај матичните лекари има јасно пропишани стандарди како може да се даваат боледувања, но ако ги погледнете дијагнозите дека покрај акутните респираторни заболувања, скоро 50 проценти од боледувањата во Фондот се за болести на рбетниот столб, а кој било вработен над 50 години ако му го снимите рбетот ќе излезе дека има спондилоза или лумбаго, тогаш станува субјективно дали треба да се оди или не на работа, изјави Клековски.
Дополнителна мотивација за земањето боледувања, според Клековски, се и колективните договори во кои е предвидено 90 до 100 процентна исплата на плата во време на боледување што во однос на приходите значи дека на вработените им е сеедено дали се на работа или не. Друг момент се и ниските плати во некои институции во јавниот сектор поради што луѓето земаат боледувања за да може да работат и втора работа.
Директорите на Фондот за здравствено осигурување денеска направија осврт на сработеното во изминатата една година откако се назначени а како најзначајни резултати ги посочија проширувањето на Позитивната листа со лекови што било направено по 10-годишна пауза, зголемените плати во здравството, подобрените здраствени услуги, подобро финансирање на примарната здравствена заштита и поголема ефикасност и дигитална трансформација на Фондот.