Дали Преспанскиот договор е чедо на корупцијата
- Клучно е Македонија да се држи до меѓународното право, па ако договорите со Грција и Бугарија се склучени со коруптивни поведенија, спротивно на принципот бона фиде (bona fides), тогаш не е никаков правен ниту политички грев, кога ќе постои соодветна процена и надворешна поддршка, како држава потписничка да се повлечеме од нив. Впрочем, многу западни земји, меѓу кои и САД, се повлекоа од над 50 отсто од меѓународните договори откако констатираа дека тие им нанесуваат штета
Пред извесно време грчкиот медиум „То вима“ објави анализа на Лефтерис Харалампопулос, кој ја истражуваше поврзаноста на фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос, УСАИД и нивното влијание преку поранешниот македонски премиер Зоран Заев за постигнување на контроверзната Преспанска спогодба меѓу Македонија и Грција.

Во рамките на подлабокото новинарско истражување, грчкиот весник изнесува заклучоци од истражувањето, според кои, фондацијата „Отворено општество“ во Македонија во периодот од 2012 до 2016 година добила речиси пет милиони долари, кои требало да бидат искористени за дестабилизација на тогашната македонска влада и за поставување нова влада, која би била пофлексибилна за постигнување договор за промена на името на државата“.
Корупцијата го прави секој договор нелегален
Во контекст на една ваква информација, во консултација со експертите од областа на меѓународното право, токму по прашањата поврзани/испреплетени со истражувањето на грчкиот весник, промената на името и Преспанскиот договор, нашите соговорници се децидни дека „каков било меѓународен договор постигнат со користени елементи што го компромитираат процесот на постигнување на договорот, едноставно него (договорот) го прават – нелегитимен“!
Според нив, Спогодбата од Нивици „не е постигната во духот на „бона фиде“ (bona fides) бидејќи нејзе ѝ претходеле индикативни поведенија како што се „низа сомнителни коруптивни дејствија“ што довеле до прифаќање и потпишување на документот, кој сега го има статусот на меѓународен договор.
– Ако се покажат како точни наводите од истражувањето на грчкиот медиум, дека некоја од страните е поткупена, корумпирана, односно ако се употребени пари едната страна да се поткупи и да работи за одредена цел, тогаш таквиот договор во согласност со меѓународното право е постигнат без добра верба и е наметнат. Како таков не може да има меѓународноправен легитимитет и што поскоро по сила на меѓународното право треба да биде поништен. Следењето на текот на парите може да покаже дали има уште еден елемент што ќе потврди дека Преспанската спогодба е склучена без добра верба, туку со поткуп. Впрочем, при расправа во грчкиот парламент беше обелоденето дека огромни средства се прелевале во Македонија само за да се обезбеди склучување на Спогодбата од Нивици. Тоа кај нас никогаш не се истражи. А има простор, во соодветна процедура, да биде формирана и ангажирана и специјална меѓународна комисија, чии заклучоци ќе бидат меѓународноправно релевантни. Клучно е Македонија да се држи до меѓународното право, па ако договорите со Грција и Бугарија се склучени спротивно на принципот „бона фиде“, тогаш не е никаков правен ниту политички грев кога ќе постои соодветна процена и надворешна поддршка, како држава потписничка да се повлечеме од нив. Впрочем, многу западни земји, меѓу кои и САД, се повлекоа од над 50 отсто од меѓународните договори откако констатираа дека тие им нанесуваат штета – заклучуваат соговорниците.
Има ли јасни индиции дека на потпишувањето на Спогодбата од Нивици му претходеле коруптивни активности?
Без оглед што и досега елементите на принуда и отпор поврзани со Спогодбата од Нивици беа видливи и беа постојано изнесувани докази дека целата операција има коруптивна заднина, работите не излегуваа јасно на виделина, иако во неколку наврати имаше обиди тоа да се иницира. Нашите соговорници потсетуваат на два такви случаја.
– Тоа не е ниту политички ниту правен, туку е комерцијален процес. Во прашање се големи пари, а новинарите нека истражуваат која е сумата што е платена за да се промени името, да се откажеме од најскапиот бренд во историјата на човештвото, кој сега ѝ носи приход на друга земја – изјави поранешниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов говорејќи на амбасадорска трибина пред две години. Цифрата што тој ја нафрли на трибината, а што била искористена за промена на името, се движи околу 150 милиони евра, за кои никој не знае во чии џебови завршиле.
Натаму, дека не се работи за обични инсинуации говори и фактот дека грчките медиуми токму во периодот кога се договараа последните детали околу Преспанската спогодба обелоденија афера за црните фондови на грчката влада (50 милиони евра) за финансирање проекти во Македонија и во Албанија „за позитивни написи за Грција и да се лобира врз тамошните новинари или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси“.
Но без оглед на таквите нерешителни обиди да се изнесе поцврста аргументација за постоење основи на сомневање, па дури и докази за коруптивни активности во врска со Преспанскиот договор, тоа не се коси со фактот/основот за ништовност, туку правно интерферира дека „Преспанската спогодба е склучена надвор од принципот на добра верба и како таква е нелегална и не треба да предизвикува никакви правни последици ако дословно се почитува меѓународното право“.
Преспанската спогодба – еклатантен пример за прекршување на основните премиси при склучување еден договор
- Експертите се децидни дека Договорот од Нивици е во целосна колизија со меѓународното право, па евентуалното повлекување на земјава од ваков нелегален договор не е потег на непријателство, непочитување на другата страна или кршење на меѓународното право, туку напротив
Основен предуслов секој договор, па и меѓународен, да заживее и на него да се гледа како на решение на некои спорни прашања меѓу две страни е тој да биде склучен во духот на бона фиде, односно со добра верба! Натаму, секој договор за да биде легален и важечки, неопходно е засегнатите страни истиот тој да го потпишат без никакви притисоци, без коруптивни активности и во строга корелација со (меѓународното) правото, во спротивно има реална основа некоја од страните секогаш да се повлече.
Доколку не е испочитуван принципот на бона фиде, тогаш станува збор за наметнат договор и како таков не може да има правна валидност, па прашање на време е кога која било од страните може да го оспори неговиот легалитет, односно тој договор не е обврзувачки за никого.
Еден таков еклатантен пример за непочитување на основните премиси на меѓународното право е Преспанската спогодба, која по сите основи ги прекршува меѓународноправните норми. Експертите се децидни дека Договорот од Нивици е во целосна колизија со меѓународното право, па евентуалното повлекување на земјава од ваков нелегален договор не е потег на непријателство, непочитување на другата страна или кршење на меѓународното право, туку напротив.
– Ако договoрот не е направен во добра верба, може да се раскине или земјата потписничка што смета дека е оштетена едноставно да се повлече од него. Што се однесува на аргументот дека нешто што е потпишано мора да се почитува, тоа претставува генерален принцип и важи само кога немаме прекршување на основните правни норми, бидејќи од неправото не произлегува правото (ex injuria, jus non oritur). Потпишан договор и во меѓународното и во домашното право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивната норма или јавен морал. Понатаму, ако договорот е неприменлив, а може да има и други причини за раскинување, како што се измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда и сите тие претставуваат основа за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика дали станува збор за домашни или за меѓународни акти – појаснува професорот по меѓународно право Игор Јанев. С.Т.