Министерството за здравство денеска соопшти дека во инсулинските аптеки има доволно количини од лекот „оземпик“ и „рибелсус“ согласно количините од договорот за јавна набавка. Количините од овие два инсулини се испорачуваат тековно и континуирано до инсулинските аптеки.
Од Министерството наведуваат дека во врска со инсулинот „ризодег“, од компанијата Ново Нордиск Фарма е добиено известување дека има глобален дефицит на овој лек.
-Лекот е достапен во нашата земја, но се добива во количини согласно тендерската постапка. За таа цел, пациентите кои имаат потреба од инсулинска терапија се обезбедени со соодветна замена на инсулин од иста генерика, наведуваат до Министерството потенцирајќи дека сите пациенти ја добиваат потребната инсулинска терапија.
Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ) претпладнево соопшти дека повторно има недостиг на инсулин и дека од МЗ добиле одговор дека заради реевидирање на количините на „ризодег“ согласно количините предвидени во реалзиација на тековниот тендер, се делат само останати количини по бројка, а дека за сите други пациенти треба да се консултираат со своите специјалисти – еднокринолози/дијабетолози и заеднички направат вистинки избор за замена на инсулинска терапија. Исто така од СЗДМ посочуваат дека се појавува недостиг на терапија „оземпик“ и „рибелсус“.