Бремените жени, жените за време на бременоста и родилки кои не се здравствено осигурувани немаат право на бесплатни здравствени услуги, беше алармирано денеска од конференцијата за здравствени политики за сите.
– Нашите наоди од терен повеќе пати укажуваат дека има жени кои на подолг и пократок рок остануваат без здравствено осигурување. Притоа овие жени не се вклучени и во скрининг програмите – изјави Борјан Павловски од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
За ова беше алармирано од Националната конференција на тема „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“, што се одржува денеска во организација на Хера – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
На средбата беше кажано дека соработката меѓу граѓанскиот сектор и институциите води до подобра здравствена заштита за ранливите граѓани. Потребата од зајакнато учество на граѓанското општество во развивањето на здравствените политики и подобрување на буџетирањето на здравствените услуги кои се наменети за ранливите групи на граѓани, се меѓу клучните пораки од Националната конференција „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“.
– Анализите на граѓанските организации покажаа дека, не само што има недостаток на финансиски средства за опфат за соодветна превенција во здравството туку треба значајно да се подобри и имплементацијата. Важно е вклучувањето на граѓанските организации во здравствена промоција и нудење на услуги особено за ранливите групи до кои не стигнува здравствениот систем, и од плурализацијата во здравството придобивки ќе имаат сите – рече Елизабета Божиноска, програмската директорка на Хера.
Андреј Сених, од Здружението Заедно посилни – Скопје, рече дека од 2022 година досега, постои тренд на опаѓање на инвестициите во превентивните активности за ХИВ од 45 мил. во 2022 година на 21 милион во 2024 година.
– Планираниот буџет за 2025 не е доволен за терапија, а ако остане ваков превентивните услуги кои постојат 20 години за ранливи граѓани ќе престанат со работа. Станува збор за над 9.000 граѓани кои ќе бидат во ризик од ХИВ, а со тоа опасноста од прелевање на инфекцијата кај општата популација – истакна Сених.
Оваа тема е од суштинско значење за здравствениот систем и нашето општество во целина, рече Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
– Сите граѓани, без разлика на пол, возраст или социо-економски статус, треба да имаат подеднаков пристап до квалитетни здравствени услуги. Девојките, жените и ранливите групи претставуваат клучни категории за кои е неопходно да обезбедиме посебна поддршка, бидејќи тие најчесто се соочуваат со бариери во пристапот до здравствена грижа – нагласи Андовски.
Аким Али, претставникот на СЗО и шеф на канцеларијата во земјава изјави дека превенцијата и заштитата од болести се клучни во секој здравствен систем, без разлика дали се работи за имунизацијата на малите деца за да ги спречиме смртоносните болести како морбили или големата кашлица, или пак спречување на болести како туберкулоза, или третман на ХИВ, затоа што раната детекција и третман се многу важни. Тој додаде дека исто така, многу е значајно да се работи на здравствената заштита кај жените, како и на повозрасните граѓани. Во таа насока тој ја поздрави работата на Министерството за здравство во соработка со граѓанскиот сектор, како национални партнери, во превенцијата како значајна заштитна мерка и додаде дека се надева дека исходот од конференцијата ќе придонесе за обликување на идните политики и мерки.
На настанот беше кажано дека како дел од проектот се подготвија детални анализи на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствената заштита на родилките и доенчињата и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција.
-Од нив произлезе сублимираната анализа со наслов „Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено превентивни програми на Министерството за здравство“. Дополнително, беа подготвени и економски анализи со клучни наоди и препораки за унапредување на четирите програми, како и правна анализа за измени и дополни на Законот за здравствена заштита во делот на препознавање на граѓанските организации како даватели на здравствени услуги – беше појаснето на конференцијата.
Притоа беа споделени дел од наодите на овие истражувања.
– Тие покажуваат дека со Програмата за рана детекција на малигни заболувања е планиран опфат од само 25.000 жени годишно (наместо планираниот опфат од наместо 115.345) од целната група на жени кои треба да бидат опфатени со скрининг за период од три години. Жените кои немаат здравствено осигурување, од 2022 година се оставени без бесплатни прегледи во бременоста и породување. Во 2023 година искористени се 94 % од средствата од целокупниот буџет на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата (искористени се 16,8 милиони денари од предвидени 18 милиони). Но, буџетските ставки наменети за најранливите категории на жени бележат најнизок процент на реализација: од предвидени 890.000 денари, потрошени се 316.190 денари (35% реализација) – беше појаснето на конференцијата.
На конференцијата ќе се обратат и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, кои истовремено се дел и од Комисијата за здравство. Рашела Мизрахи, Венко Филипче, Илир Хасани и Беким Сали.