Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

55. издание на фестивалот

„Денес за утре“ е слоган и мото на најновото издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“- Битола, како аманет кој потсетува и поттикнува на собирање и пренесување на знаење за сопствениот народ и неговата култура во секој нејзин сегмент и облик. Годинава се навршуваат 55 години од постоењето на фестивалот по кој се препознава Битола.
„Илинденски денови“ започнува во Битола на 18 јули, завршува на 31 јули, спроти Илинден големиот празник на македонскиот народ, а на програмата ќе има повеќе од 70 фестивалски настани. Со над 1.300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, фестивалот вклучува промоции, изложби, семинари, каравани, улични настапи и концерти, како и 4. издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој се одржува во рамките на Илинденски денови.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

-Овој фестивал не е само обнова на традицијата, туку нејзино пренесување во иднината. Годинава имаме одличен број странски учесници и богат уметнички и едукативен програм, со кој Битола ја зацврстува својата позиција на мапата на светски фолклорни фестивали – истакна Влатко Илиевски, в.д. директор на Центарот за култура Битола.
„Илинденски денови“ не е само сценско-музичка презентација на ора и песни, туку е место кадешто новите генерации може да ги видат и научат автентичните ора, песни, игри, обичаи, такви какви што е поставени пред векови, вели Валентин Соклевски, уметнички раководител на фестивалот.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

-И во тоа е големината и важноста на овој фестивал.
Традиционалното дефиле по Широк Сокак останува важен дел од атмосферата која го спојува локалното и глобалното. Но, фестивалот не е само сцена, тој е и простор за истражување, критичко мислење и наука.
-Фестивалот е жив доказ дека традицијата не е носталгија, туку динамичен културен процес. „Илинденски денови“ успеа да стане дел од светското семејство на CIOFF фестивали токму преку овој пристап – со поглед кон науката за фолклорот, сцената како простор, но и визијата кон иднината – нагласи Соклевски, човекот кој повеќе децении е координатор на овој голем фестивал.
Во рамки на фестивалот се одвива и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава бележи рекордна конкуренција – од 2.000 аплицирани филмови, селектирани се 31 документарно остварување од целиот свет. Овие филмови нудат културни прозорци кон ритуали, песни и живи традиции кои нè поврзуваат, но и различно нè дефинираат.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

-Изборот на документарни филмови носи ретка можност, да се слушнат и видат приказни за ритуали, песни, традиции од далечни заедници. Публиката ќе ја почувствува духовната срж на културите кои личат, но и се разликуваат од нашата – изјави Тони Гламчевски, селектор на ИЕФФ.
Фестивалот не застанува на сценските настапи, тој гради мостови преку издавачки промоции, едукативни програми и семинари, на кои ќе се дискутира за иднината на културното наследство и неговото место во современиот свет.
-Ве поканувам на серија предавања, изложби, издавачки промоции и семинари што ќе ја објаснат и визуелизираат сложеноста на нашето културно наследство – и неговиот современ одек – рече м-р Љупка Стефановска, клучен дел од стручниот тим на фестивалот.
Оваа година, визуелниот идентитет на фестивалот е дело на младата уметница Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“ – каде сонцето се појавува како симбол на виталност, светлина и космички ред. Естетиката на Јована суптилно се прелева и во визуелната комуникација на фестивалот, правејќи го уште поавтентичен.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски

Едукативниот дел од фестивалот е показ за проширувањето на фестивалот. По 17. пат ќе се реалзиира Семинарот на традиционална музика и игра, веќе се отворени пријавувањата за работилниците и мастеркласовите кои се организираат во рамките на фестивалот.
Во прегледот на целосната програма којашто денеска беше презентирана, сите говорници ги потенцираа двата настани кои го отсликуваат мотото „Русалките во стрип“, делот од македонската и словенска митологија како нов формат на претставување на народната култура и „Војводите на Комитското “, изложба на фотографии од сите „војводи“ кои на отворањето на фестивалот „Илинденски денови“ го играле орото „Комитско“. Така ќе биде и годинава.