Поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски повторно ја отвори темата за регуларноста на процесот за избор на македонскиот судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. Во обраќање испратено до 386 релевантни адреси низ Европа, тој посочува дека постојат сериозни индикации за влијанија, притисоци и можни организирани механизми кои, според него, го компромитирале кредибилитетот на изборната процедура.
Илиевски нагласува дека уште пред еден месец јавно предупреди за опасност од нерегуларности во селекцијата, преку колумната објавена во „Нова Македонија“. „Сите аларми што ги подигнав тогаш, за жал, се потврдија“, наведува тој, укажувајќи дека начинот на кој се одвивала селекцијата, за него, создавал впечаток на претходно организирана и перфидно насочена постапка.
И покрај вклучувањето на Антикорупциската комисија во завршната фаза, Илиевски смета дека исходот не претрпел никакви промени, а кандидатите кои тој претходно ги посочил – повторно биле изборот што се појавил како финален.
Обраќање до институции, парламенти, медиуми и европските органи
Вкупно 386 адреси биле информирани за неговите сомнежи и барања за независна институционална интервенција:
· 118 адреси – институции, дирекции и тела на Советот на Европа,
· 164 адреси – национални парламенти и државни институции во европските земји,
· 104 адреси – медиуми, редакции и новинари во Европа и регионот.
Меѓу медиумите до кои е испратено писмото се и водечките европски редакции како „Le Monde“, „Le Figaro“ , „Süddeutsche Zeitung“, „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ , „Corriere della Sera“ , „La Repubblica“ , „El País“, како и медиумите во регионот и државата, вклучувајќи ја и „Нова Македонија“.
Известени и Панелот на Советот на Европа и претставниците што ќе гласаат!!!
Во писмото, Илиевски нагласува дека официјално биле известени и:
· Експертскиот панел на Советот на Европа, кој треба да го спроведе второто интервју со кандидатите и да даде стручно мислење за нивната соодветност;
· Претставниците во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кои ќе гласаат за конечниот избор на судијата од Северна Македонија.
Според Илиевски, транспарентноста и квалитетот на информациите што ќе им бидат доставени на овие органи се од особена важност, бидејќи од нив зависи конечната одлука и меѓународниот кредибилитет на земјата.
Барања за ревизија и институционално дејствување
Во интерес на заштита на европските стандарди за транспарентност и правичност, Илиевски бара:
· итна независна ревизија на сите фази од селекцијата,
· проверка за можен судир на интереси,
· обезбедување дека европските тела нема да бидат доведени во заблуда од локални влијанија или мрежи.
„Не упатувам обвинение, туку барам непристрасно институционално дејствување“, нагласува тој, додавајќи дека ваквите случаи можат да имаат долгорочни импликации врз правната држава и меѓународната репутација на земјата.
Илиевски наведува дека стои на располагање за секоја дополнителна документација, појаснување или информација. Во прилог до адресатите ги доставил и своите анализи и колумни, меѓу кои и текстот од 15 октомври 2025 година објавен во „Нова Македонија“.
Обраќањето на Илиевски го пренесуваме интегрално.
„Почитувани,
Јас сум Ѓорѓи Илиевски, поранешен просветен инспектор, и Ви се обраќам со чувство на силна професионална и граѓанска одговорност во врска со процесот за избор на судија од Република Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Пред скоро еден месец, во јавноста изнесов сериозни предупредувања за можни влијанија, притисоци и скриени механизми кои би можеле да ја компромитираат регуларноста на конкурсот. Тие предупредувања беа пренесени во колумната објавена во „Нова Македонија“.
Со жалење морам да укажам дека сите наводи за можни нерегуларности што ги посочив тогаш – се потврдија со текот на изборниот процес и со конечниот избор на кандидатите. Начинот на кој се одвиваше селекцијата, изненадувачките резултати и постапките на комисијата создадоа многу јасна слика дека процесот носи карактеристики на однапред организирана и перфидно насочена постапка.
Иако во вториот дел процесот за избор се вмеша Антикорупциска комисија, резултатите останаа исти и се избраа кандидатите кои еден месец претходно ги најавив.
Во интерес на правдата и институционалниот интегритет, моја должност е да Ве известам дека постојат сериозни индиции дека транспарентноста, еднаквоста и независноста на процедурата се значително нарушени. Поради тоа, сметам дека е неопходно:
· итно активирање на механизми за независна ревизија на сите фази од селекцијата,
· проценка на евентуален судир на интереси,
· и обезбедување дека експертскиот панел на Советот на Европа нема да биде доведен во заблуда од локални влијанија, мрежи или конструкции кои можат да го нарушат кредибилитетот на процесот.
Ова обраќање го упатувам до вкупно 386 релевантни адреси, распределени по следните категории:
· 118 адреси на институции и служби на Советот на Европа,
· 164 адреси на парламенти и државни институции од европските земји,
· 104 адреси на медиуми и новинари.
Целта не е да се упати обвинение, туку да се побара хитно и непристрасно институционално дејствување со цел да се спречи дополнително нарушување на довербата во процесот и да се заштитат европските стандарди на транспарентност и правичност.
Верувам дека заеднички, преку транспарентност и независна проверка, може да се спречи реализација на потенцијално монтирана конструкција која би имала долгорочни последици врз правната држава и угледот на сите вклучени институции.
Ви стојам на располагање за сите дополнителни информации, документи или појаснувања, а во прилог ви ја праќам мојата колумна од 15 Октомври 2025 година .“


































