Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека мерењата на јонизирачко зрачење во воздухот покажуваат дека нема никакви отстапувања од нормалните референтни вредности.
– Во периодот од 7 до 14 септември 2025 година автоматскиот систем за мерење на радијација работеше непрекинато и редовно ги следеше податоците од сите 14 мерни места низ Македонија, меѓу кои и станицата во Скопје – наведуваат од ИЈЗ.
Според резултатите од станицата во Скопје (MKMP-1), просечната вредност била 51 нано сиверт на час, со најниска и највисока измерена вредност од 51 до 69 нано сиверти на час. Денешното мерење (14 септември 2025 година во 11:30 часот) изнесувало 50 нано сиверти на час.
– Сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина – појаснуваат од Институтот.
ИЈЗ информира дека вонредни екипи се испратени на терен за да земат примероци од почва и вода во непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, како и мостри од чешми и бунари за испитување на евентуално јонизирачко зрачење.
– Во моментот нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик за здравјето на граѓаните – истакнуваат од Институтот, додавајќи дека резултатите од земените мостри ќе бидат дополнително објавени по нивната обработка.
Институтот најави дека внимателно ќе ја следи состојбата во координација со Министерството за здравство и останатите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува и понатаму да ги следат официјалните препораки.