Фармацевтската комора вечерва предупреди дека упатствата за постапување со пациентите, дадени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), а по хакерскиот напад на неговиот систем, ќе ги остават пациентите без лекови и по три дена. Фармацевтите сметаат дека премогу време ќе се изгуби за проверка на осигурувањето кога пациентот во аптека ќе дојде да побара лек.
– Во случаи на акутните рецепти, осигуреникот треба да чека до 24 часа за да се провери осигурувањето и да се добие повратен одговор од ФЗО што може да резултира со животозагрозувачки последици по пациентот. Во случаи на хроничните рецепти осигуреникот треба да чека до три дена за да се провери осигурувањето и добие повратен одговор од ФЗО, што исто така може да резултира со животозагрозувачки последици по пациентот – реагира Комората на фармацевти.
Вечерва Комората испрати допис до управниот одбор на ФЗО во кој укажува на неможноста да се спроведат во пракса дадените препораки. Фармацевтите бараат за февруари да не се одбиваат рецептите по основ на осигурување и итно да се најде решение за постапување од 1 март, бидејќи, како што велат, посочениот начин на работа е неизводлив во пракса и на штета на пациентите.
ФЗО поради блокираните податоци на здравствените осигуреници испрати препораки како да се надминат проблемите предизвикани од нападот. Посебни препораки за постапување по сајбер нападот биле испратени до јавните и приватните здравствени установи и аптеките.