Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол, дел од документите за отворањето на македонските преговори со Европската Унија. Но, иако првично беше ветено дека ќе биде објавен пред потпишувањето, а вчера – по потпишувањето, јавноста и денес нема да има можност да види што точно пишува во протоколот и што точно Македонија ќе отстапи во преговорите со Бугарија.
– Задоволството е големо што денес сме со министрите Маричиќ, Бочварски, Бектеши да бидеме на втората меѓувладина седница. Имавме конструктивни разговори каде што разговаравме за петте области преку пет работни групи. Од овој протокол се гледа дека е сработено доста. Сите групи создадоа меморандуми, проекти – рече Османи, но не откри кога ќе се објави протоколот.
Бугарското национално радио објави дека содржината на протоколот ќе биде објавена во текот на следните денови, најверојатно по утрешната средба на амбасадорите на ЕУ во Брисел.
-Познато е дека документот е на најмалку 10 страници и содржи конкретни мерки и рокови, особено расчистување на историските спорови меѓу Софија и Скопје. Во историската комисија има договори за Св. Наум, Св. Климент, и настани. Во 2024 година мора повторно да се договорат наставните програми, откако ќе се изјасни комисијата за историски прашања, Бугарите да се вклучат во Уставот на РСМ, да има рехабилитација на жртвите на југословенскиот режим и отворање на архивата на тајните служби – соопшти бугарското радио.