Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија со децении работи на градење добрососедски односи така што овозможува културна артикулација на сите малцински заедници во земјава,
без оглед што не добива реципрочен одговор од соседството

Непреченото функционирање на бугарските клубови во Македонија го разобличува бугарскиот конструкт

Развивањето на културната соработка меѓу соседните земји е еден од начините за дополнително зближување меѓу народите, кои без политичкото бреме што го наметнуваат политичките елити, всушност немаат никакви меѓусебни недоразбирања.
Во таа насока Македонија со децении работи на градење добрососедски односи така што овозможува културна артикулација на сите малцински заедници во земјава, без оглед што не добива реципрочен одговор од соседството.

Кога нема провокации и кршење на позитивноправните прописи, сите клубови и здруженија си функционираат нормално

Низ таква призма може да се посматра и неодамнешното отворање на канцелариите на здружението „Балкански мост“ во Битола, формирано од страна на македонски граѓани со бугарска самосвест. Ова е всушност нов бугарски клуб во Битола чии канцеларии се во близината на седиштето на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“, кој своевремено предизвика тензии и негодувања во македонското општество поради именувањето по личност што во македонската историја се доживува со негативна конотација.
Канцелариите на новото бугарско здружение „Балкански мост“ во центарот на Битола свечено ги отвори бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков, што е негово прво официјално присуство во Битола по назначувањето на функцијата, барем според објавите од бугарските здруженија.
Новото седиште на „Балкански мост“ е многу поскромно опремено, со изложени фотографии и книги. На фотографиите поставени на ѕидовите на канцеларијата на новото здружение се наоѓаат ликовите на македонските дејци и преродбеници – Даме Груев, Григор Прличев… книги за ВМРО и историската борба, за ликот и делото на Гоце Делчев, а доминираат литература и авторски книги од Христо Силјанов, македонски револуционер, историчар, деец на ВМОРО, новинар и публицист во Бугарија. Во просторот се поставени знамињата на Бугарија, Македонија и на ЕУ.
Претседателот на здружението, Љупчо Јошевски, во поздравниот говор на отворањето на канцелариите порача дека граѓаните треба да ги остават предрасудите, да учат повеќе едни за други и да ја согледаат вистината, бидејќи на тој начин ќе бидат обезбедени напредок и просперитет на патот кон ЕУ. Здружението, кое функционира подолго од една година, но сега доби канцеларии, е многу поумерено во своите изјави, за разлика од згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“, фокусирајќи се повеќе кон хуманитарни и културни активности.
Тоа што вакви клубови функционираат непречено во Македонија е само потврда дека ниту една малцинска група не е спречена во намерите за сопствена културна и идентитетска артикулација кога тоа не значи навредување и негирање на мнозинскиот македонски народ.
Напротив, Македонија како држава го покажа највисокиот демократски капацитет кон сите малцински заедници, вклучувајќи и кон граѓаните со бугарска самосвест, без оглед што во македонскиот устав се под терминот „други“ бидејќи и под таквата формулација ги уживаат еднаквите права како сите македонски граѓани.
Она што претходно се случуваше со спорните имиња на бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ и отпорот во македонското општество кон нив, според општата граѓанска перцепција и повеќето анализи на домашните аналитичари, всушност е резултат на политичките подметнувања и конструктите од страна на официјална Софија во насока да се оспори демократскиот капацитет на македонската држава во однос на малцинските права и слободи и да ѝ се предочи тоа на Европа.
Од друга страна, припадниците на македонското малцинство во Бугарија продолжуваат да протестираат поради ускратената можност да формираат здруженија и клубови и на тој начин да ги негуваат македонскиот идентитет, самосвест и култура, без оглед што Судот за човекови права во Стразбур во неколку наврати донесе пресуди во нивна полза и побара од Бугарија да ги имплементира пресудите.
Несомнено, бугарските културни клубови во Македонија и македонските во Бугарија можат да бидат мостот што ќе ги затопли односите меѓу двете блиски земји и блиски народи така што ќе ги негуваат културните пројави, а преку културната соработка ќе се отвори патот и за секаква друга соработка.

Граѓанската соработка може да ја поттикне и политичката димензија на соработката

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, нема никаква дилема дека Македонија како држава покажала највисок демократски капацитет кога станува збор за правата на малцинствата, вклучувајќи и на бугарското.
– Македонската држава и во својот устав, како и во сето она што претставува политичка активност покажа висок демократски капацитет. Не треба да се заборави дека Бугарите имаат своја политичка партија во земјава, а клубовите и здруженијата работат непречено. Единствена пречка беа милитантноста и споменувањето имиња што се паметат во минатото по своите злодела направени во фашистичкиот дел на бугарската историја, осведочени луѓе што соработувале со Третиот рајх. Во тој контекст, добра е промената на имињата на бугарските клубови. Зошто утре некој клуб во Охрид да не се именува „Иван Снегаров“, врвен светски академик, тоа сигурно ќе ја продлабочи таа димензија на меѓусебна доверба. Мислам дека бугарската јавност воопшто не е информирана дека тие имаат политичка партија во Македонија, иако тоа е највисок стадиум каде што може да бидат застапени во македонското собрание, да имаат свој претставник Македонец што ќе се произнесе дека има бугарска самосвест. Тоа е највисоката форма на политичка демократија. Клубовите, исто така, со тоа што ќе работат на промоција на бугарска литература, на нивните големи писатели, поети, гостување на културни ансамбли, тоа е добро за сите народи на Балканот, впрочем ние сите произлегуваме од една матрица на поранешната Османлиска Империја, од матрицата на Римското Царство, од матриците на големите империи во кои има множество на култури, конфесии, етноси, така што сосема е нормално таа наша определба за мултукултурна, мултиконфесионална и мултиетничка димензија во рамките на македонската држава да наоѓа плодно тло и за работа на овие клубови. И на крајот од краиштата, така расте и довербата доколку тие се држат до она основното, почит кон македонската држава, почит кон државотворниот македонски народ и ако така се однесуваат, нема да има никаков проблем и сигурно ќе јакне соработката на двете држави и двата народа и пред сѐ на македонските и бугарските граѓани – смета Ѓорчев.
Според него, за да се постигне реципрочен однос, односно да се артикулира и македонската самосвест во Бугарија, потребно е и македонската држава да преземе поактивна улога.
– Веќе три децении говорам дека ние не собравме храброст официјално, како што бугарската амбасада го прави тоа во Македонија, преку разни програми за обнова на мостови и објекти што биле градени во времето кога Бугарите биле присутни тука за време на Првата и Втората светска војна, така и ние исто можеме и треба да им организираме на Бугарите со македонска самосвест одбележување, на пример, на Војдан Чернодрински, на Крсте Петков Мисирков, да се посети гробот на Методија Шаторов-Шарло, Јане Сандански, при што на тие настани треба да бидат присутни и македонски политичари, функционери, исто како што тоа го прави Бугарија тука, како што беа Јотова, Петков и други претставници на бугарската држава при отворањето на клубовите и одбележување на некои настани. Така и ние треба да се заложиме и зошто повторно да не го промовираме и весникот „Народна волја“, во кој една страна е на македонски, а една страна на бугарски јазик и кој може да биде во дигитална форма, но тоа треба нашата амбасада со Софија, односно држава, да се ангажира со програми за проширување на демократскиот капацитет, без разлика што Бугарија е членка на ЕУ, ние можеме во тој дел да го јакнеме нејзиниот демократски капацитет со апострофирање на фактот дека во Бугарија живеат луѓе Бугари што имаат право по бугарскиот устав да го употребуваат македонскиот мајчин јазик и индивидуално да се чувствуваат како Македонци. Но граѓански тоа отсуствува затоа што Бугарија не сака да ја регистрира граѓанската организација ОМО „Илинден“ – Пирин, оти ако ја регистрира, таа ќе може да си отвори подружници во делови каде што има многу граѓани што се чувствуваат како Македонци. Ако државата се однесува така, во согласност со сите европски стандарди, во согласност со универзалната декларација за човекови права и граѓански слободи на ОН, во согласност со Европската конвенција за национални малцинства на која и Бугарија е потписник, тогаш ние би можеле сосема легитимно да го крепиме, да го поддржуваме развојот на тие Бугари, односно нивното граѓанско организирање, но нормално тие треба да ѝ бидат лојални на бугарската држава и да се залагаат за нејзино унапредување, само да го збогатуваат со тој наш македонски културен идентитет културното милје на бугарската држава и така ќе помогнат да соработуваме и да си веруваме – посочува Ѓорчев.
Тој уште додава дека добра практика би било македонските клубови во Бугарија да бидат именувани според личности од модерната бугарска историја, како што беше Ѓорѓи Христов, основачот на „Народна волја“.
– Неговото име може да биде име на македонски клуб во Бугарија бидејќи тој човек градеше една синтеза на однесување помеѓу Бугарите и Македонците во Бугарија, се разбира како бугарски граѓани со македонска самосвест и оние што се чувствуваат како Бугари како етничка припадност. И во тој контекст, такви имиња што дале многу за унапредување на таа демократија во Бугарија, така можеме да градиме и наш ангажман поддржан од македонската држава, се разбира со информирање на бугарската држава кои се тие програми, која е целта и слично преку еден отворен и транспарентен процес. Така можат и наши бизнисмени да инвестираат во компјутерски помагала во училишта таму, како што го прави тоа Врабевски кај нас. Но предуслов е почит на бугарската држава кон Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој експлицитно над дваесет пати, кумулативно можеби се и 30, бара спроведување на неговите одлуки и пресуди. Сигурен сум дека можеме да градиме еден таков однос на добрососедство и пријателство, соработка и низ тоа, таа граѓанска димензија ќе ја поттикне и политичката димензија да соработува на повисоко ниво – заклучува Ѓорчев.