Повеќе од 1,8 милиони денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа вработените во „Алкалоид“ АД Скопје, членовите на нивните семејства и нивните пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Компанијата, која организираше хуманитарен пикник, средствата ги донира на Црвениот крст на Град Скопје. Ова е 11-тиот по ред хуманитарен пикник, што го организира оваа фармацевтска компанија.
-Преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ се собраа над 1,8 милиони денари кои денеска сакаме да ги донираме за Црвениот крст, врзано за социјалните активности кои оваа организација ги има за луѓето во трето доба. Постарите луѓе во нашата држава во Македонија сите сме свесни дека заслужуваат и вредат да им се обрне многу повеќе внимание и почит за тоа што го прават и од тој аспект одлучивме дека оваа година е најдобро овие средства да ги донираме за нив за да може тие да го покажат своето достоинство, да можат да имаат едно мирно живеење и да имаат поквалитетен живот и на некој начин да им се помогне во сите оние социјални програми каде им е потребно – рече генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов.

Тој уште еднаш им се заблагодари на сите вработени во компанијата кои заедно ја покажале својата хуманост.
– Тука сме и оваа година, како и претходните и се надевам дека можеме да продолжиме да даваме една додадена вредност и во општеството и да бараме форми како да помагаме таму каде има потреба. Сакам да ја изразам мојата гордост од аспект на нашите вработени и на сите кои помогнаа оваа сума да ја собереме и да најдеме форма како да им помогнеме на возрасните луѓе кои ја имаат таа потреба, а знаеме дека со својата мудрост и животно искуство и сето она што го дале за генерациите кои доаѓаат по нив придонесуваат да градиме едно подобро општество – додаде Мукаетов.
Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска рече донацијата која денеска ја добива Црвениот крст на Град Скопје е нешто што е многу важно, бидејќи заедно сме посилни.
– Токму заради тоа под слоганот „Сите сме нивни деца“ сите средства ќе бидат наменети да се унапредат социјалните сервиси што веќе постојат на територијата на нашиот главен град, истовремено да го зголемиме бројот на корисниците. Тука зборуваме за санитетскиот транспорт, тоа е оној транспорт кој е достапен за сите на територијата на нашиот град. Едноставно за луѓето кои не можат да одат до болниците, до онаа примарна или секундарна здравствена заштита, ние сме тука заедно со волонтерите тоа да го направиме на најбрз можен начин, преку дневните центри за активно стареење каде правиме спој на професионалното искуство на возрасните со младите генерации, да бидат на некој начин и тие усовршени во она што значи да го препознаваат социјалниот момент и секогаш имаат подадена рака – истакна Тунева Пауновска.
Појасни дека социјалниот сервис „Итно копче“ е нешто ново во нашиот град, а тоа е дека старите лица кои се сами, возрасните од трето доба, имаат алка со црвено копче и по неговото притискање тие се во контакт со нивниот кол центар и волонтерите кои се наоѓаат на нивна територија веднаш пристапуваат во нивниот дом за да можат да интервенираат за се тоа пшто е потребно.
– Многу сме горди во годината кога го прославуваме нашиот голем јубилеј – 80 години Црвен крст на Град Скопје, „Алкалоид“ едноставно да биде наш партнер. Секогаш се потребни финансиски средства меѓутоа за нас, за волонтерите и за професионалците многу значи компанијата која е општествено одговорна да ги препознае нашите вредности – додаде Тунева Пауновска.