Јавното обвинителство ќе ја прошири истрагата за предметот „Двојник“ за издавањето на нелегални пасоши, соопшти синоќа државниот обвинител Љубомир Јовески, нагласувајќи дека никој нема да биде заштитен и оти виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
– Можам да ве уверам дека Обвинителството сериозно и одговорно ќе го испита до крај овој случај. Кога ќе обезбедиме ние докази за кој било, без разлика на позицијата, бидете уверени дека ќе преземаме дејствија согласно законот и надлежностите. Никој нема да биде заштитен и лицата ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Се разбира дека има уште многу работа, дека дел од работата треба да завршат другите органи – кажа Јовевски во гостувањето на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, додавајќи дека најпрво треба да се утврди кои лица имале допир со овие документи, кои лица можат да ги креираат овие документи и како е поставена целата служба, откако ОЈО Скопје побарало дополнителни известувања.
Обвинителството побарало и утврдување на тоа колку од овие пасоши се искористени при преминување на границите на македонија, а колку во странските држави.