Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој е обвинет дека бил организатор на упадот во Собранието на 27 април, побара ослободителна пресуда. Тој се заколна дека не придонел да се случи крвавиот настан.
Јанакиески рече дека бил во притвор за околности за кои сега обвинителката Вилма Русковска кажала пред медиумите дека нема докази. Тој очекува да биде ослободен од сите обвиненија.
„За овој предмет бевме во притвор со Спире. Ниту за тој настан се најдоа мотивите зошто бевме претепани, ниту се откри вистината за 27 април“, рече Јанакиески.
За пораките разменети со ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во кои таа бара свирчиња од Јанакиески, обвинетиот кажа: „Па со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Жена парк да влезат во Собрание?“.
Тој вели дека како и во текот на судскиот процес и сега не негира дека давал мислења околу јавни личности кои биле говорници, но не бил организатор на протестите „За заедничка Македонија“.
„Обвинителниот акт и ваквото постапување на Обвинителството ја наметнува правната несигурност што во основа ја има правната дискриминација базирана на фикции, лажен исказ и претпоставки за вина, а сето тоа се прави како обид да се докаже дека јас сум виновен за дејствијата кои ми се ставаат на товар со обвинителниот акт. Не сум јас тој што треба да седи тука пред Вас на оваа обвинителна клупа“, рече Јанакиески.
„Главното прашање кое се поставува денеска пред Вас е ‘дали за овие 2,5 години слушнавте од Обвинителството, еве го доказот против Миле Јанакиески, еве го доказот дека Миле Јанакиевски ги сторил дејствијата кои му се ставаат на товар?’. Ниту вие, ниту јас, ниту моите бранители, ниту јавноста не слушна ниту виде. Сето ова време се правеа манипулации и се зборуваше од страна на Обвинителството дека ‘Миле ги координирал комитетите за масовност на протестите’. И одеднаш, по скоро 2 години судски рочишта, на крајот од постапката – тој дел исчезнува. Излегува обвинителката и кажува: ‘Немаме докази’. Па оттука се прикажува нова приказна: ‘Миле ги организираше пратениците и протестите’. Е како е тоа направено? Се јавила Канческа-Милевска и барала свирчиња. Добро, и? Со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Жена парк кои го извршија актот на насилство да влезат во Собрание? Без поента е целата таа помпезност и презентирање на тие пораки, кои за жал, не можат ни да се поврзат со обвинението, освен ако, како во случајот, некој си замислил некаква фикција нешто дека е така, па тоа евтино и се надевам безуспешно го продава пред судот и јавноста“, кажа Јанакиески.
Во периодот кога се разменувани и пораките кои Обвинителството ги презентирало, Јанакиески вели дека немало никакво насилство, ниту нетрпеливост, а во Собранието не се дискутирало за избор на претседател.
За пораките со Канческа-Милевска, обвинетиот кажа дека не може да се предмет на кривично дело, а тоа го потврдила и Русковска со изјавата пред медиумите каде кажала: „Немаше обвинение за неа затоа што немавме докази. Освен ангажирање уметници и познати личности, таа не направила што било друго конкретно“.
„Ако за Канческа-Милевска нема докази, како може за мене врз основа на истата комуникација, да се бара од Вас, да утврдите дека јас сум наводен организатор на протестите и истите да претставуваат како доказ за упадот во Собрание. Како може за ЕКМ која контактирала со нив да нема основ за кривично гонење а за мене бидејќи контактирам само со Канческа-Милевска да има? Не е можно почитувани судии. Или пораките имаат доказна вредност или немаат“, рече Јанакиески.
Во завршниот збор, Јанакиески рече дека врз основа на пораките се правеле претпоставки, а за обвинителниот акт, посочи дека се базира на фикции, лажен исказ и претпоставки за вина.