Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Министерството за внатрешни работи велат дека само минатата година биле регистрирани 26 прекршоци од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, од кои пет по членот 4 (карање, викање или непристојно и дрско однесување), три по членот 10 (малтретирање, омаловажување, понижување и навредување друг), седум по членот 11 (тепачка), девет по членот 12 (физички напад) и два по членот 34 (занемарување грижа на дете)

Малолетнички пресметки и малтретирање граѓани во автобусите и на постојките

Безбедноста на граѓаните во јавниот градски превоз повторно е загрозена од страна на насилници, силеџии и граѓани што го кршат јавниот ред и мир. Честопати во билтените на Министерството за внатрешни работи може да се забележат евидентирани тепачки на автобуски постојки или, пак, во самите автобуси, независно дали станува збор за возила на јавното сообраќајно претпријатие или, пак, за приватни автобуси.
За жал, најчесто вршители на инцидентите се млади лица, кои меѓусебно вербално и физички се пресметуваат, а притоа страдаат и други патници или, пак, лица што чекаат автобус во нивната близина.

МАЛОЛЕТНИЦИ СЀ ПОМАСОВНО СЕ ТЕПААТ ВО АВТОБУСИ

Минатиот месец на улицата Ѓорче Петров во Скопје, во автобус со бројот 56 на јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), кој сообраќа на линијата кон селото Бојане, бил нарушен јавниот ред и мир со тепачка помеѓу патници во автобусот. По интервенција на полициски службеници, во полициска станица бил приведен Р.Р. (20) од селото Арнакија, кај кого бил пронајден нож. Во тепачката бил повреден С.Ф. (18), кој имал исеченица на раката. Била повикана итна медицинска помош, која по укажувањето лекарска помош го пуштила лицето на домашно лекување.
Исто така, минатиот месец седумнаесетгодишно момче заврши на скопските клиники „Мајка Тереза“, со повреди од остар предмет при физички напад на подрачјето на Карпош. Според информациите, настанала расправија помеѓу две групи додека се возеле во автобус, по што на постојката на која се симнале настанала меѓусебна пресметка.
За граѓаните ваквата состојба никако не смее да стане рутина. Велат дека јавниот превоз треба да е безбеден за сите и дека никој не треба со страв да се качува во автобус.
– Не е нормално со страв да треба да се возам секој ден во автобус. Јас четири пати во денот користам јавен градски превоз. Два автобуси фаќам за накај работа, два за накај дома. Живеам во Синѓелиќ, а работам во Карпош. Морам да користам два автобуси и навистина не сакам со страв да се возам. Не се чувствувам безбедно затоа што постојано има некои групи што меѓусебно се расправаат. Навистина не ми е пријатно тоа чувство – вели Ирена Илиевска.

ЛАНИ ЕВИДЕНТИРАНИ 26 ПРЕКРШОЦИ ВО АВТОБУСИ

Од Министерството за внатрешни работи велат дека само минатата година биле регистрирани 26 прекршоци од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, од кои пет по членот 4 (карање, викање или непристојно и дрско однесување), три по членот 10 (малтретирање, омаловажување, понижување и навредување друг), седум по членот 11 (тепачка), девет по членот 12 (физички напад) и два по членот 34 (занемарување грижа на дете).
– Притоа се пријавени 43 сторители, од кои 13 се малолетни и 30 се полнолетни сторители. Во јануари 2021 година се регистрирани вкупно четири прекршоци од ЗППЈРМ во автобус, од кои два по членот 10 (малтретирање, омаловажување, понижување и навредување друг) и 2 по членот 12 (физички напад), за што се пријавени вкупно пет полнолетни сторители.
Наедно, во 2020 година се регистрирани три кривични дела сторени во автобус, односно „насилство“ по членот 386 од КЗ – извршено со употреба на ладно оружје – нож, а притоа е пријавен еден малолетен сторител; „разбојништво“ по членот 237 од КЗ и „предизвикување општа опасност“ по членот 288, а за овие две дела сѐ уште се преземаат мерки и активности за откривање на сторителите – информираат од МВР.

[email protected]