Голем шумски пожар беснее меѓу селото Малино, во општина Лозово и селото Живиње, општина Куманово.
Командирот на Територијалната противпожарна бригада Свети Николе Кирил Колев изјави дека во гаснењето на овој голем шумски пожар ангажирани се над 30 лица од противпожарната единица. Вклучени се и пожарникарите од доброволното пожарниркарско друштво во Свети Николе и вработени во „Македонски шуми“.
– Зафатена е голема површина на дабова шума. Станува збор за неколку километри, а во моментов не можам точно да одредам колку е зафатено. Станува збор за пожар предизвикан намерно од засега непознат сторител, вели Колев.
Тој информира дека градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски побарал помош и од Дирекцијата за заштита и спасување за да се активираат и авионите „ер трактор“ кои ќе можат да го гаснат огнот од воздух. Додаде дека пожарникарите мора да се повлечат, а утре продолжуваат со гаснењето на овој голем шумски пожар.
Се шири голем чад низ овчеполскиот регион токму од пожарот меѓу овие две села.