Актуелниот член на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко денеска во Кривичниот суд во Скопје сведочеше во предметот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 2“ за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година кога Кондарко беше претседател на ДИК.
Тој, на прашање на обвинетиот Бедредин Ибраими, рече дека во тоа време бил предложен за член на ДИК од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и дека бил избран од Собранието на РМ за претседател на Комисијата. На прашање дали за Избирачкото место 1727 во Струмица било изготвено соодветно решението, Кондарко рече дека не се сеќава на тоа, а во одговор на друго прашање потенцира дека укажувал на постапката на гласањето на Избирачкиот одбор.
По првите два одговори на сведокот, реагираше обвинителката Фатиме Фетаи да се преведува на албански јазик се со цел да му се овозможи тоа право на обвинетиот Мендух Тачи. Претседателот на ДПА рече дека нема потреба за овој сведок преведувач, но судијата Огнен Ставрев наложи секое излагање во судницата да биде преведувано.
Бедредин гласно коментираше за сведочењето на Кондарко оти на повеќето прашања одговорил дека не се сеќавал на некои одлуки или посебно за конкретното избирачко место, на што обвинителот Гаврил Бубевски искоментира дека до сега, во судската пракса, не се слушнало некој да се жали на сведочење на свој сведок.
Кондарко на прашања поставени од адвокатот Боро Тасевски и обвинетиот Сашо Срцев, одговори дека не се сеќава за многу детали за решенијата и за поништувањето на гласањето на конкретното избирачко место, но рече дека се сеќава дека имало постапка на Управниот суд за неколку избирачки места на кои имало повторување на изборите. Сведокот рече дека не се сеќава дека дали за избирачкото место 1727 имало барање за отворање на изборниот материјал но додаде дека имале ситуации на поставување на предлози за повеќе приговори да се отворат гласачки материјал за некое избирачко место.
По, сведокот Кондарко, Ставрев имаше предлог да се слушаат сведоците од Струмица на што бурно реагираше Бедредин Ибраими со удирање со рака на клупата пред него и рече дека него му се суди по обвинение во кое може да добие пет години затвор, а судот си го бира редоследот на сведоците. Ибраими му се обрати на обвинителот Бубевски со зборовите дека за вакво неосновано обвинение ќе се учи на правните факултети. Судијата Ставрев му предложи на Ибраими да излезе 10 минути да се смири, а потоа да продолжи судењето.
Рочиштето продолжи со директно испрашување на сведоците на одбраната, Васил Крстев и Павлинка Динева, која пак предпладне беше вкрстено испрашувана од дел од одбраната. Таа и Крстев ги повторија одговорите од претходните рочишта кога беа сведоци на обвинителството.
Во Кривичен во моментов се сослушуваат сведоците Виолета Дума и Субхи Јакупи.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.