Гостиварското јавно обвинителство донесе наредба за спроведување постапка против едно лице од Чеченија (Руска Федерација), поради сомнение дека имал намера да препродава марихуана од мотел во Гостивар.
Како што информираат од обвинителството, осомничениот 35-годишник, од засега непознато лице купил одредено количество марихуана, која ја држел во својата соба во гостиварски мотел со намера да ја препродава.
При претрес кај осомничениот на 10 февруари биле пронајдени околу 15 грама марихуана во најлонско пакување.
Тој се товари дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар доставил предлог за изрекување притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, како и можност да го повтори делото и да влијае врз сведоци.