Фото: Маја Јаневска-Илиева

Силата на ударот на возило со брзина од 100 километри на час e еднаква на силата со кое ќе удри возилото при пад од зграда од 12 кат. Математички пресметано, силата на ударот се зголемува прогресивно со брзината. Со брзина од 60 км/ч, силата на ударот е голема. На 80 км/ч, силата на ударот е четири пати поголема, а на 120 км/ч таа е девет пати поголема отколку на 60 км/ч, наведено е на официјалната интернет-страница на РСБСП

ВОЗАЧИТЕ СЀ ПОЧЕСТО ПРЕТЕРУВААТ СТИСКАЈЌИ ГО ПЕДАЛОТ ЗА ГАС

Брзото возење е една од главните причини за фатални сообраќајни незгоди и сериозни животозагрозувачки повреди. Брзото возење лошо влијае на возачот и на неговите реакции, затоа што го намалува времето на брзо, рефлексно реагирање доколку се појави опасна ситуација во која возачот мора да реагира. Брзото возење било причина за смрт во сообраќајот дури за 26 проценти од сите сообраќајни незгоди во САД, убивајќи повеќе од девет илјади лица, или дневно по 25 лица.
Колку е поголема брзината на управување со возилото, толку е поголема веројатноста за сообраќајна несреќа. Според шведските сообраќајни експерти, промената на брзината на возилото за еден километар, ја зголемува или ја намалува шансата за случување несреќа.
Брзото возење е сила што најчесто ги води младите, бидејќи желбата за адреналин кај нив е голема. Сепак, тоа е екстремно опасно и може да чини живот.

ДУРИ 872 САНКЦИИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ЕДЕН ДЕН

И покрај тоа што полицијата работи под полна пареа и со зголемено присуство низ улиците во државава, се чини дека возачите воопшто не се загрижени, бидејќи непочитувањето на законските и сообраќајните прописи од страна на возачите продолжува со истото темпо. За жал, казните што сообраќајната полиција секојдневно им ги пишува на оние што не ги почитуваат сообраќајните прописи никако да ги вразумат возачите за конечно да почнат да ги почитуваат, првенствено заради себе, потоа заради нивните сопатници и, на крајот, заради сите други учесници во сообраќајот.
Во текот на 21 февруари, мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата спроведе засилена акциска контрола за санкционирање возила што се движат со брзина поголема од дозволената на територијата на целата држава, при што се санкционирани 872 прекршоци.
– Од нив, 108 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 30 возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – информираа од МВР.
Ден пред оваа акција на МВР исто така беше спроведена засилена акциска контрола за санкционирање возила што се движеле со брзина поголема од дозволената, овој пат на автопатот Гевгелија – Куманово.
– Санкционирани се 122 возачи што возеле со брзина поголема од дозволената. Од нив, 19 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возило со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното – истакнаа од МВР.

БРЗОТО ВОЗЕЊЕ ВОДИ КОН ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ОД ФАТАЛНА НЕСРЕЌА

Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, брзото возење е екстремно опасно и може да чини живот.
– Силата на ударот на возило со брзина од 100 километри на час e еднаква на силата со кое ќе удри возилото при пад од зграда од 12 кат. Математички пресметано, силата на ударот се зголемува прогресивно со брзината. Со брзина од 60 км/ч, силата на ударот е голема. На 80 км/ч, силата на ударот е четири пати поголема, а на 120 км/ч таа е девет пати поголема отколку на 60 км/ч – наведено е на официјалната интернет-страница на РСБСП.
Таму исто така е нагласено дека кај еден просечен возач со секое зголемување на брзината за еден процент, ризикот за незгода се зголемува за два проценти, веројатноста за сериозни повреди се зголемува за три проценти, а веројатноста за фатален крај се зголемува за околу четири проценти.
– Разликата во брзината со некој километар на час е всушност разликата помеѓу лесна и тешка повреда, разликата меѓу живот и смрт. Брзото возење и последиците од него ќе ве следат целиот живот. Трајни физички последици или трајни лузни од грижата на совест дека сте одзеле нечиј живот – наведено е од страна на РСБСП.

[email protected]