– Никој не е недопирлив – вели обвинителката Фатиме Фетаи по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и приведувањето на шефицата на СЈО, Катица Јанева, која од вчера е во 30-дневен притвор во затворот „Скопје“.
– Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив – рече Фетаи утрово пред судот каде имаше закажано рочиште.
Таа смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.
– Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал кој се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа- застапување на предмети во судница – вели Фетаи.
Во случајот „Рекет“ кој беше обелоденет на 15 јули годинава, осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милевски. Обвинителството ги сомничи тројцата дека од бизнисменот Јордан Камчев изнудиле 1,5 милиони евра во замена за олеснување на постапката против него во случајот „Империја“.