Во акција на властите од 26 земји-членки на Европската Унија, заедно со Европол, Американскиот центар за интелектуална сопственост, Европравда и Интерпол, се запленети 22.614 козметички производи, 22.042 додатоци за мобилни телефони, 69.657 шишенца со парфеми, 8.929 парчиња облека, 7.480 кутии прашоци за перење и 4.800 презервативи
ЗАМКИТЕ НА ИНТЕРНЕТ-КУПУВАЊЕТО ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД-19
Нелегалната продажба на разни производи преку интернет-страници откако почна пандемијата со коронавирусот зема сѐ поголем замав. Постојано се појавуваат нови интернет-страници, но и профили на социјалните мрежи што нудат секакви производи, почнувајќи од козметички производи до паметни часовници и скапи модни додатоци. И таквата појава се шири идентично како и вирусот. Секојдневно се појавуваат нови сомнителни интернет-продавници и на социјалните мрежи, кои сосема безбедно од своите домови вршат продажба и заработуваат профит. Тие, за жал, не нудат фискална сметка, а изминатиот период се едни од главните носители на сивата економија. Не плаќаат никакви даноци, ниту имаат некакви обврски. Производите ги доставуваат со помош на брзи доставувачи, а откако еднаш ќе се земе одреден производ и доколку потрошувачот не е задоволен од него, ретко се добива опција за негова замена. Граѓаните честопати наседнуваат, па купуваат производи од вакви продавачи, при што остануваат измамени, па сега, откако подолго време на социјалните мрежи буквално вриеше состојбата од негативни искуства на граѓани, сите при интернет-купувањето добро внимаваат и проверуваат од каде ги порачуваат своите производи.
Ваквиот начин на продавање не е проблем само кај нас. Продажбата на сомнителни и фалсификувани производи е предизвик за властите насекаде низ светот.
СЕ ФАЛСИФИКУВА ДУРИ И ДЕТЕРГЕНТ
Како резултат на интернационална операција, властите од 26 земји-членки на Европската Унија, заедно со Европол, Американскиот центар за интелектуална сопственост, Европравда и Интерпол, откриле и затвориле повеќе од 21.910 домејни што продавале сомнителни и фалсификувани производи преку интернет-продажба. Запленети се повеќе од 2,5 милиони евра вредни производи, меѓу кои и пиратски филмови и фармацевтски производи, нелегални ресивери за телевизиски пренос, софтвери и други производи.
Справувањето со интернет-страниците што се занимаваат со нелегална продажба на фалсификувани производи станува сѐ поголем предизвик за сите органи за спроведување на законот поради нивната разновидност, бидејќи лесно се адаптираат на нови средини со нови производи, а уште полесно остваруваат голем профит, со што бришењето на нивните траги оставени на интернет е едноставна и лесна задача за нив.
Во акцијата се запленети 22.614 козметички производи, 22.042 додатоци за мобилни телефони, 69.657 шишенца со парфеми, 8.929 парчиња облека, 7.480 кутии прашоци за перење и 4.800 презервативи.
Освен земјите-членки на Унијата, во оваа акција учествувале и Соединетите Американски Држави, Србија, Кина, Босна и Херцеговина и други земји.
Оваа операција со секоја измината година е сѐ поуспешна, поради напорите на сите инволвирани во обидот да ја направат интернет-продажбата безбедна за потрошувачите.
ШТО СЕ ПРОДАВА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ ВО МАКЕДОНИЈА
Македонија има многу голем проблем со ваквиот начин на продажба, особено на социјалните мрежи, каде што постојано никнуваат нови страници и профили на виртуелни продавници.
Се продава буквално сѐ, од козметика до облека, накит, разни медицински препарати, па домашно направени лекови, патики за деца и возрасни, спортска опрема, апарати за домаќинството, како миксери и блендери, апарати за стилизирање, масажери и уште голем број други производи.
Најчесто откога ќе нарачаат и ќе купат одреден производ граѓаните го искусуваат лошото искуство за кое споделуваат на социјалните мрежи, со надеж дека ќе го спречат нивното измамничко заработување.
– Нарачав чешел со фен, кој требаше да ја навиткува косата. Ниту работеше, ниту беше истиот тој што го порачав. Неколкупати им пишав, не ми одговорија, на крајот ме блокираа да не можам да им пишувам. Каде да пријавам? Како да пријавам? Тие во истата секунда веќе отвориле нов профил и повторно продаваат. Многу е тешко да се спасиме од ваквите продавачи, но и самите сме си виновни што се залетуваме и порачуваме непроверени производи – вели Наташа Стојановска, која постојано купува од интернет, но, ете, се случило и таа да биде измамена.
Во земјава немало поголема акција за сузбивање на нелегалната интернет-продажба, меѓутоа далеку од тоа дека надлежните немале средба со некаков вид компјутерски криминал.
Минатата година Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против две лица поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“ по членот 251-б од Кривичниот законик. За да се стекнат со противправна имотна корист, тие ја формирале фондацијата „Допир“ и креирале интернет-страница што активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести. Со помош на донации собрале повеќе од три милиони денари, а средствата ги користеле за сопствени потреби.