Во кривопаланечкото село Жидилово на 10 март, околу 3 часот по полноќ, полицајци од граничниот премин „Деве Баир“ ги уапсиле бугарските државјани Г.Г.Х.(51) и Р.С.Г.(45), поради тоа што претходно околу 1:20 часот на „Деве Баир“ нелегално ја преминале државната граница.
Како што информираат од МВР, во наведеното време, тие со автомобил „бе-ем-ве“ со бугарска регистрација, кој го управувал Р.С.Г., не застанале за пасошка контрола и гранични проверки и со возилото удриле во спуштените рампи, ги скршиле и влегле во државава.
Според информацијата од бугарските погранични служби, лицата со возилото излегле од Бугарија, исто така, без да застанат за гранични проверки.
По преземени мерки лицата и автомобилот биле пронајдени и Бугарите биле приведени. Подоцна, тие биле предадени во полициската станица во Крива Паланка за понатамошна постапка.