Трагичната сообраќајна несреќа во која 46 македонски државјани ги загубија животите на автопатот „Струма“ во Бугарија го насочи вниманието на бугарската јавност кон состојбата и безбедносните ризици на тамошните патишта.
Градоначалникот на Перник, Станислав Владимиров, посочи дека делницата на патот е влажна, како и дека на неа често се случуваат несреќи, додавајќи дека автобусот скинал околу 50 метри од заштитната ограда. Станува збор за еден од најтешките патни правци во Бугарија, со огромна денивелација и голема концентрација на сообраќај.
Во 2019 година Бугарија ја имаше втората најголема стапка на смртност на патиштата меѓу 27-те земји-членки на ЕУ, со 89 жртви на милион жители, според податоците на Европската комисија.
– Тука има многу важно прашање. Треба на некаков начин како држава да ја гарантираме безбедноста на нашите патишта, а моментно не можеме да го сториме тоа. Со години се залагаме за подобра безбедност на патиштата. Факт е дека незамисливото веќе се случи. Состојбата на нашите патишта е тешка и опасна – кажа бугарската експертка за безбедност на патиштата Дијана Русинова во изјава за „БТВ“.