Тетовец е лишен од слобода, откако полициски службеници при претрес на неговиот дом пронашле хероин. Триесет и двегодишното лице, откако било лишено од слобода, било задржано на испрашување во полициската станица во Тетово.
За неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, казниво по членот 215 од Кривичниот законик, поднесени се кривични пријави и против две лица во Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје подигна истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Лицата во станот во кој престојувале неовластено држеле наркотична дрога и психотропни супстанции за продажба. При претрес на домот, на осумнаесетти овој месец, од страна на службените лица биле пронајдени: 883,76 грама марихуана, хашиш-масло во шприц со волумен од 2 мл, амфетамин со вкупна нето-маса од 28,47 грама, осум таблети метилен-диоксиметамфетамин, како и повеќе други предмети со остатоци од наркотични дроги.