Зоран Теофиловски, кој е актуелен член на Судскиот совет, утринава самоволно се појавил пред Судот, а се повикал на судскиот имунитет, потврдија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. За него вчера беше побаран притвор, а тој е под истрага за нелегална приватизација и легализација на државен имот во Тетово.
„Првоосомничениот, кој не беше достапен и за кого Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден побара да му биде определена мерка притвор, денеска самоволно се појави пред судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Во текот на денешното рочиште осомничениот се повика на судскиот имунитет“, соопштија од Обвинителството.
Судијата го одложил рочиштето за да се обрати до Судскиот совет и да побара симнување на имунитетот. По добивање на известувањето за одлуката на Судскиот совет, постапката ќе продолжи.
Воедно, Обвинителството ценејќи дека со вчера определените мерки за куќен притвор и мерки на претпазливост се поттикнуваат сторителите на кривичните дела и понатаму да извршуваат кривични дела, достави жалби по решенијата на судијата на претходна постапка.
Теофиловски е осомничен дека кон крајот на месец август 2011 година како тогаш одговорно лице претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, почнал постапка за легализација. Тој е осомничен за кривично дело злоупотреба на службената положба.