Повеќе од два часа обвинетиот ексградоначалник на Општина Битола, Владимир Талески, одговараше на прашањата на неговиот адвокат Димитар Дангов за обвинението за злоупотреба со превозот на ученици во општинските училишта во Битола во предметот на СЈО „Транспортер“.
Талевски одговарајќи на прашањата рече дека тој и неговиот менаџерски тим работеле законски и не му e јасно зошто се обвинети, бидејќи тие дури и се заложиле и ги намалиле цените на превозот на ученици.
-Не разбирам зошто сме обвинети дека сме биле корумпирани и сме правеле штета во буџетот кога ја гледате нашата тенденција дека бараме начин како да го изреализираме до крај Законот за слободен превоз, на начин за да се намалат цените за превозот на ученици. Цените се понудата. Фиксните точни поединечни цени на релациите. Децата кои ќе се возат и следната година со истото превозно средство ќе се возат по утврдените цени поединечно на релациите. Да, утврдена е вредноста на договорот но не е нумерички утврдена. Утврдена е со начин и метод – рече обвинетиот.
Претходно адвокатот Димитар Дангов го праша Талевски за бомбата којашто беше објавена во јавноста, алудирајќи на говорот на обвинителката Фатиме Фетаи дека превозот на ученици во Битола бил поскап и од Токио.
Судијката Кацарска не го дозволи прашањето по приговорот на обвинителот Трајче Пеливанов, бидејќи како што рече, тоа како содржина го нема во доказите.
-Обвинетиот не може да одговори колку чини превозот во Токио – кажа Кацарска.
Судењето за „Транспортер“ почна на 28 септември 2017 година, но расправата почна од почеток. Обвинети се 21 лице за злоупотреби на буџетот со превозот на ученици во Битола.
Меѓу обвинетите се ексградоначалникот на Општина Битола, Владимир Талевски, експретседателот на Комисијата за јавни набавки во Битола, директори на средни училишта, како и превозници кои наплаќале двојно повисока цена за превозот.