Специјалното јавно обвинителство нема никаква вина за бегството на Никола Груевски. Постојано укажуваме и поднесуваме барање за притвор, а судот одлучуваше, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова надлежна за предметот „Титаник“.
Вината за бегството на Груевски, обвинителката Стефанова ја гледа институционално.
– СЈО во целиот изминат период постојано апелираше, сугерираше и поднесуваше барања за притвор за осомничениот Никола Груевски и другите осомничени во предметот „Титаник“. Уште при првото поднесено барање за спроведување на истрага беа предложени мерки за притвор и истите беа одбиени. Кога го поднесовме обвинителниот акт поднесовме барање за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби таквото барање со наводи дека иако постои опасност од бегство, тоа може да го обезбедат со одземање на патната исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно. Во меѓувреме, Груевски побара јавувањето во Судот еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно по кое барање ние дадовме мислење дека треба да биде одбиено како неосновано, меѓутоа Советот на Судот го прифати неговото барање. Сите овие услови беа предиспозиција да се случи ова бегство – изјави Стефанова по денешното рочиште за „Титаник“.
Според неа, опасноста за бегство е сериозна во случај како „Титаник“ каде обвинетите се соочуваат со затворски казни од најмалку три, четири или пет години.
– Мислам дека претходно таа опасност не беше сериозно земена во обзир и се случи тоа што се случи – рече Стефанова.
Информациите што СЈО ги имало за бегството на Миле Јанакиевски и Кирил Божиновски се дадени на судот. – Одредени информации не може да се споделат со јавноста бидејќи се оперативни, истакна Стефанова во одговорот на новинарските прашања какви информации имало СЈО за бегството на овие двајца обвинети.
Прашана зошто во предметот „Тенк“ во кој е донесена пресуда не бил побара притвор за Груевски, обвинителката Стефанова рече дека не може да даде коментар за предмет којшто не го водела.