Широка акција на МВР во целата држава за превентива, но и за санкционирање на возачите под дејство на алкохол

Во периодот од 20 до 21 август и од 21 до 22 август, од 22 до четири часот, спроведена е акциска контрола за превенирање, но и за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол, на целата територија на државата. По споменатата основа, санкционирани се 102 возачи. Од нив најмногу на подрачјата на СВР-Скопје – 25, СВР-Битола – 19, СВР-Куманово – 14…

Македонија, за жал, е една од земјите каде што консумацијата на алкохол, според статистиките, е голема кај оние што учествуваат во сообраќајот, а во него уживаат речиси сите. Уште повеќе, токму статистиките на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека алкохолот е една од водечките причини за смрт по улиците низ земјава, бидејќи возачите, крајно неодговорно, се впуштаат активно да учествуваат во сообраќајот, односно да управуваат возила додека се под дејство на алкохолот.

ЗА ДВА ДЕНА КАЗНЕТИ 120 ПИЈАНИ ВОЗАЧИ

Дури 120 возачи што го управувале своето возило под дејство на алкохол, санкционирала сообраќајната полиција во земјава за само два дена. Ова се податоците од Министерството за внатрешни работи, кои покажуваат дека висок процент од македонските возачи се „непоколебливи алкохолни уживатели“, без разлика во кое својство учествуваат во сообраќајот, како возачи на патнички моторни возила (ПМВ), мотори, велосипеди, па и товарни возила…
Овој пат превентивно-репресивната акциска контрола на полицијата беше насочена кон возачите на ПМВ.

Најголемиот дел санкционирани пијани возачи се од Скопје, Куманово и од Битола.
Тие продолжуваат да се однесуваат неодговорно во сообраќајот и управуваат под дејство на алкохол, ризикувајќи ги не само сопствените туку и животите на другите учесници.
– Во периодот од 20 до 21 август и од 21 до 22 август, во периодот од 22 до четири часот, спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол на територијата на Република Северна Македонија, при што санкционирани се 102 возачи. Од нив најмногу на подрачјата на СВР-Скопје – 25, СВР-Битола – 19 и СВР-Куманово – 14.

Во акциската контрола спроведена само за санкционирање возачи што управуваат возила под дејство на алкохол, на подрачјето на СВР-Битола, санкционирани се 18 возачи. Тие биле исклучени од сообраќај – информираа во своите дневни билтени од МВР.
ОСУМДЕСЕТ ПРОЦЕНТИ ОД ВОЗАЧИТЕ БАРЕМ ЕДНАШ ВОЗЕЛЕ ПИЈАНИ

Според статистиките на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, дури 80 проценти од возачите во Македонија барем еднаш во животот седнале да возат автомобил додека биле под дејство на алкохол, а дури пет проценти тоа го прават релативно често.
– Оние пет проценти што често возат пијани заслужуваат секаква осуда. За нив дефинитивно само големи казни, одземање на возачката дозвола и исклучување од сообраќајот трајно. Нив слободно можеме да ги наречеме: несовесни, неодговорни, недостојни, непримерни возачи, па и личности. Тие претставуваат голема опасност за безбедноста во сообраќајот и за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. За ова, сите се сложуваме – потенцираа од РСБСП, во 2020 година, за време на една кампања наменета токму за возачите уживачи на алкохол.

Оваа година, пак, во соработка со Министерството за внатрешни работи, беше пласирана кампања повторно против возењето во алкохолизирана состојба.
– Во рамките на летната кампања, МВР и РСБСП апелираа до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни и да разберат колку е важно да се почитуваат сообраќајните правила и прописи затоа што само на тој начин, преку јакнење на колективната свест и колективното разбирање, може да го направиме сообраќајот побезбеден за сите.

РСБСП и МВР продолжуваат со активностите во рамките на летната кампања. Сообраќајно превентивните активности се наменети за сите учесници во сообраќајот. Со помош на таканаречените пијани очила, кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, укажуваме на ризикот, опасноста и последиците од возењето под дејство на алкохол, укажуваме и на последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот. Учесниците во сообраќајот даваат поддршка за кампањата и веруваме дека сите вложени напори од РСБСП и од МВР на крајот ќе резултираат со намалување на бројот на сообраќајни незгоди – изјави Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП од Битола.

КАКВО Е ВЛИЈАНИЕТО НА АЛКОХОЛОТ ВО ВОЗЕЊЕТО

Алкохолот ги намалува возачките вештини: ги нарушува моторните способности, ја намалува визуелната острина, ја искривува сликата за околината и го нарушува слухот. Покрај тоа, алкохолот влијае како депресант на централниот нервен систем. Тоа може значително да ги наруши навремената реакција и рационалното пресудување во одредена ситуација. Исто така може да предизвика сообраќаjни и други незгоди со смртни последици.
Според податоците на РСБСП од 2016 година, бројот на повредени лица што биле под дејство на алкохол, во 2016 година изнесува 479, а бројот на загинати лица изнесува 14.
Покрај тоа, алкохолот го прави возачот агресивен во сообраќајот, а предизвикува и грижа на совест, ако поради него настрада невина жртва.