Судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година продолжува на 12 ноември, откако на денешното рочиште исказ даваа вештаци вработени во днк лабораторијата при Министерството за внатрешни работи.
Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка. Семејствата на обвинетите денеска реагираа за темпото со кое се води случајот, а обвинителката Фатиме Фетаи побара од судот да се сослушаат и останатите повикани вештаци како и да бидат закажани повеќе рочишта наеднаш. Судот на тоа одговори дека судницата е зафатени и нема слободни термини и закажа следни рочишта на 12 и 19 ноември.
На денешното рочиште исказ даваа две вешти лица вработени во МВР, кои работеле на днк анализата на примероци од внатрешноста на возилото „опел омега“.
Првиот вештак објасни дека при извршениот преглед во внатрешноста на возилото не биле воочени видливи со око траги, па пристапиле кон подигање траги од биолошко потекло од повеќе локации во возилото.
– По спроведените ДНК анализи добиени се четири ДНК профили. На наслон за глава од десно задно седиште од една машка индивидуа, од рачката за отворање на задната лева врата од втора различна машка индивидуа. Од површина на ракофат од предна лева врата од трета машка индивидуа и од површината на ракофатот од предна десна врата. Овие траги се мешавина од ДНК профили од една машка и една женска личност, изјави вештакот.
Второто вешто лице, кажа дека добиените ДНК профили, потоа се внесени во ДНК база за пребарување и дојдено е до заклучок дека ДНК профилот на Алил Демири е идентичен со ДНК профилот земен од задното десно седиште од возилото „опел омега“.
– Сметам дека не е можно на каков било начин при вештачењето да се направи манипулација на ДНК профилите, рече вештакот, и посочи дека веројатноста на форензичкото поклопување е таква што 99,9999999998% од останатата светската популација се исклучува од можноста да биде донор на овој ДНК профил.
На почетокот на денешното рочиште обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово.
Судијата Огнен Ставрев, кажа дека има добиено одговор од Министерството за правда, и побара Обвинителството да го прочита. Во одговорот од Министерството за правда се вели дека е побарана екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, но оти се уште нема одговор.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.