Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, ги избегна новинарите и од задниот влез дојде на распит во Обвинителството за организиран криминал, каде е повикана на распит за случајот „Рекет“, кој со денови ја бранува јавноста. Распитот го води обвинителката за организиран криминал, Ивана Трајчева, која ја заменува Вилма Русковска додека е на одмор.
Стефанова и специјалната обвинителка Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет-изданието на италијанскиот весник „Ла верита“ во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.
Лиле Стефанова е обвинителката за предметот „Империја“, каде што осомничени се Орце Камчев и Цветан Панделески. Во една од снимките што се објавени од италијанскиот весник „Ла верита“, поврзани со случајот „Рекет“, шефицата во оставка на СЈО, Катица Јанева, вели дека ја има под контрола Лиле Стефанова, обраќајќи му се на бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во предметот „Империја“, кој го води Стефанова.
Обвинителката Стефанова преку писмена изјава во изминатите денови рече дека Јанева без нејзино знаење носела одлуки за случајот „Империја“, потсетувајќи дека барањето за издавање на времен пасош било одобрено без таа да дaде согласност. Дополнително, обвинителката Јанева на состанок со обвинителите побарала предметот да се затвори и никој да не оди во затвор.