Одземените парчиња биле речиси идентични копии на вистинските производи и било исклучително тешко да се разликуваат. Сепак, речиси во сите случаи запленетите играчки претставувале сериозен здравствен ризик за децата. Овие лажни играчки не биле подложени на ригорозните тестови за безбедност што ги бара законот и немале предупредувања или совети на пакувањето

АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ОТКРИ ДЕТСКИ ИГРАЧКИ ШТЕТНИ ПО ЗДРАВЈЕТО НА ДЕЦАТА

Речиси сите сакаме на своите деца и внуци да им купуваме играчки со кои ќе ја добиеме нивната невина детска насмевка. Пазарите се преполни со разни шарени играчки, кои уште повеќе ни се привлечни доколку нивната цена е пониска и можеме да си ја дозволиме. Ако во минатото можевме да купиме детски играчки исклучиво во специјализирани продавници за продажба, денес играчки може да се најдат и во маркетите и локалните продавници, па и во трафиките. Понудата на играчки е огромна и одговара на побарувачката. Колку поевтини детски играчки, толку поголема побарувачка. Сепак, досегашното искуство покажува дека евтините детски играчки треба што е можно повеќе да ги избегнуваме, бидејќи тие се штетни за детското здравје.

ЗАПЛЕНЕТИ ПОВЕЌЕ ОД ПЕТ ИЛЈАДИ ДЕТСКИ ИГРАЧКИ ВО 24 ЗЕМЈИ

Близу пет милиони фалсификувани играчки неодамна беа конфискувани како резултат на операцијата организирана од страна на Европол, насловена „Лудус“.
Во периодот од 19 октомври 2020 до 31 јануари 2021 година биле извршени повеќе од 4.700 инспекции во 24 земји, за да се откријат нелегална пратка и складирање фалсификувани играчки. Досега се уапсени 11 измамници, а истрагите во голем број земји сѐ уште траат.
Според информациите, ова е прва операција што некогаш била организирана во толку голем обем, а која била насочена кон продажба на фалсификувани детски играчки.
Во акцијата се запленети близу пет милиони играчки, со вкупна вредност поголема од 16 милиони евра, а извршени се 4.768 инспекции, тестирани се 44.127 примероци во лаборатории и отворени се дури 125 судски случаи.
Акцијата беше реализирана во повеќе од 20 земји, меѓу кои Хрватска, Грција, Бугарија, Словенија, Романија и други.
Најмногу се запленети играчки автомобили, друштвени игри и кукли од популарни детски емисии.
Одземените парчиња биле речиси идентични копии на вистинските производи и било исклучително тешко да се разликуваат. Сепак, речиси во сите случаи запленетите играчки претставувале сериозен здравствен ризик за децата. Овие лажни играчки не биле подложени на ригорозните тестови за безбедност што ги бара законот и немале предупредувања или совети на пакувањето.

– Примерите вклучуваат 2.800 кукли запленети во Италија и осум илјади играчки автомобили запленети во Белгија, кои претставувале опасност од задушување, над пет илјади пластични играчки запленети во Шпанија, кои содржеле токсична хемикалија што може да му наштети на здравјето на децата, и неколку други електронски уреди запленети во разни земји што ги надминувале законските ограничувања на децибели за играчки што може трајно да го оштетат слухот на детето – наведено е во соопштението на Европол.
Исто така, вкупно 1.175 играчки наменети за доенчиња биле одземени во Романија, бидејќи не ги содржеле потребните информации на пакувањето, со кои би се предупредиле родителите дека тие се опасни и може да ги повредат децата, ниту пак имале упатство за употреба, етикета за возраста и список на материјалите од кои се создадени.
Коментирајќи ја операцијата, извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол, истакна дека таа покажува дека криминалците ќе ја искористат секоја можност за да остварат профит.
– За време на празничниот период, криминалците заработуваат од напливот на побарувачка за одредени играчки, продавајќи им опасни играчки на несовесни купувачи. Благодарение на операцијата „Лудус“, успешно извадивме од оптек милиони играчки што не само што не беа безбедни туку и откинаа легитимни брендови – истакна таа.
Европол и земјите-членки ги повикаа потрошувачите да им се спротивстават на евтините понуди, кои изгледаат премногу добро за да бидат вистинити, особено ако одредени играчки се распродадени кај познати трговци, бидејќи тоа може да биде знак дека се лажни, небезбедни или неквалитетни. Едноставно, не вреди да се ризикува.

И МАКЕДОНИЈА И БАЛКАНОТ ЦЕЛ НА ФАЛСИФИКУВАНИ ИГРАЧКИ

Евтини играчки се продаваат и во земјава. Пазарите, маркетите, локалните продавници се преполни со евтини детски играчки. Некои од нив кога ќе ги отворите мирисаат на хемикалии, други пуштаат боја, трети немаат никаков доказ за потеклото ниту пак сертификати за составот, препорачаната возраст и слично. Според достапните информации, кај нас се продавале и играчки штетни за детското здравје, бидејќи биле преполни со штетни хемикалии.
На нашиот пазар сѐ уште се продава познатата детска играчка „шлајм“, по цена од педесет денари, па речиси нема дете што ја нема оваа популарна играчка во своите раце. Истражувањата покажаа дека „шлајмот“ содржи енормно високи количества бор, односно дури четири пати поголема концентрација на оваа хемикалија од дозволеното според европскиот стандард. Борот е опасна хемикалија, која може да предизвика иритации на нежната детска кожа, дијареја, главоболка, повраќање, депресија, а може да предизвика штета и на бебе во утробата на мајката.
Ништо подобра не е ниту ситуацијата во соседните земји. Во 2018 година црногорската компанија „Ковачи“ соопшти дека од своите продавници ги повлекла од продажба куклите Маша, Фрозен и девојката на Фрозен, затоа што содржеле супстанции што може да му наштетат на здравјето на децата и да предизвикаат оштетувања на нивните репродуктивни органи.

Компанијата ги повика граѓаните што веќе купиле такви играчки да ги вратат на продажните места, при што ќе им бидат вратени парите.
Штетноста на играчките тогаш ја потврди и Здравствено-санитарната инспекција на Црна Гора, која посочи дека продолжува со контроли на продажните места на играчки.
Ова не е прв случај на повлекување играчки во Црна Гора поради нивната штетност по здравјето. Од продажба беа повлечени и новите серии кукли на Покемон, девојчето Меџик и Снежана и седумте џуџињата, кои содржеле супстанција штетна по детското здравје.

[email protected]