Генерално безбедносната состојба во Прилеп е стабилна. И на ниво на земјата
криминалитетот има стапка на опаѓање, а зголемување на процентот на откривањето на кривични дела. Ова меѓу другото го изјави министерот за внатрешни работи Оливер
Спасовски при посетата на општина Прилеп каде оствари средба со градоначалникот Илија Јованоски.
– Единствено има зголемување на кривичните дела „злоупотреба на службената
должност“ во целата земја и тоа за 111 проценти. Во Прилеп има групи кои оперираат криминално, не само во градот, Македонија, туку и на Балканот за кои имаме посебен пристап. Сакаме да бидеме транспарентни и да бидат граѓаните информирани. Како се намалува бројот на криминалитетот се зголемува ефикасноста. Не треба да бидеме задоволни, тутку треба да се јакнат капацитетите на Министерството. Да се даде доверба на професионални кадри со цел граѓаните да се побезбедни. Дел од стратегијата на Министерството е посета на полициските станици и разговори со градоначалниците за заедно да ја вратиме довербата меѓу полицијата и граѓаните. Ако нема комуникација и партнерски однос меѓу полицијата и граѓаните нема да има поголем степен на безбедност. За да се обнови таа врска потребна е ЛС. Разговаравме со градоначалникот за неколку теми – прво давањето насоки за позорната служба, активирање на советите за превенција со акционен план, за да ги кажат граѓаните проблемите и заеднички пристап за средување на сообраќајниот хаос, преку плански пристап и зголемување на свеста кај возачите за сообраќајна култура – рече министерот Спасовски, по посетата на општина Прилеп, при тоа потенцирајќи дека се прават анализи и има простор одредени ПС, каков што е случајот со Прилеп да преминат на повиско ниво.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски посочи дека општината се ќе направи за подобра безбедносна состојба, при тоа заблагодарувајќи се за изградбата на ИКТ центарот.
Според министерот Спасовски ИКТ центарот ќе биде витален објект од областа на
безбедноста што се финансира од средства на ЕУ.
– Очекувам за кратко време да поставиме камен темелник и за осум месеци да се
изгради. Објектот е витален безбедносен објект за бекап податоци на сите институции во случај на елементарни непогоди. Правевме анализи каде беше најповолно да се гради. Се одлучивме за Прилеп сакајќи да дадеме значење на градот – истакна Спасовски, а одговарајќи на прашање за емигранска криза посочи дека нема индиции за интензивирање на мигрантски бран и дека нема загриженост по тоа прашање.
Ка.М.