Советот на јавни обвинители денеска ќе расправа за статусот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дали таа постапила незаконски и несовесно во вршењето на функцијата и да донесе одлука дали ќе иницира постапка до Собранието за нејзино разрешување. Јанева е осомничена во предметот „Рекет“ и се наоѓа во притвор.
Седницата на Советот ќе биде затворена за јавноста.
Обвинителството за организиран криминал пред четири дена до Сoветот го достави извештајот за преземени активности и дејства во предистражната и истражната постапка за случајот „Рекет“.
Советот исто така треба да одлучи и дали ќе назначи вршител на должност на местото на Јанева, како што повика државниот обвинител Љубомир Јовески повикувајќи се на постојниот Закон за Обвинителството или тоа ќе биде оставено да го договорат најголемите политички партии што ја избрале специјалната обвинителка, како што тврди претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски.
Мандатот на Јанева истекува на 15 септември.