Една студија направена на Одделот за правда на Соединетите Американски Држави покажува дека во летните месеци криминалот го доживува својот врв. Не треба да објавувате информации на социјалните мрежи за тоа каде сте на одмор и внимавајте на плажа каде што оперираат ситни џепчии
ЛЕТОТО Ѝ ОТВОРА РАБОТА НА ПОЛИЦИЈАТА
Со порастот на живата на термометарот, расте и стапката на криминалитет во светот. Раздвиженоста на луѓето, долгите летни прошетки, одењето на одмор, но и нервозата што жештините ја предизвикуваат кај луѓето, се само мал дел од причините поради кои стапката на криминалитет во летниот период е поголема.
Иако летото треба да биде најдобриот период од годината, сепак тоа не е секогаш така. Топлото време се чини дека го буди најлошото во некои луѓе, па тие токму во овој период од годината се склони кон криминал и разни прекршоци. Една студија направена на Одделот за правда на Соединетите Американски Држави покажува директна поврзаност помеѓу стапката на криминалитет и годишното време. Истражувачите откриле дека криминалот е помал за време на есенските и зимските месеци, додека за време на летото криминалот го доживува својот врв.
Кражбите се зголемени за единаесет проценти, а ограбувањата на домови, продавници и преостанати објекти е во пораст од осум проценти. Сексуалните престапи се за десет проценти зголемени за време на летниот период, додека домашното насилство за 11,5 проценти.
Се чини дека за време на летните месеци насекаде е поопасно. Некои градови имаат зголемување на криминалитетот во летниот период за неверојатни 35 проценти. Иако не е за занемарување и криминалитетот во зимскиот период, сепак во големите градови кулминацијата се случува во лето.
Според експертите, во лето криминал прават и повеќе деца. Тие не се во училиште и имаат слободно време, па во обид да го исполнат, честопати извршуваат криминални дела.
Луѓето патуваат повеќе во летниот период. Тогаш атрактивна цел на крадците се оставените станови и куќи, особено кај оние што на социјалните медиуми споделуваат голем број лични податоци, меѓу кои и оној дека семејството заминува или е на убав годишен одмор. Известувањето на социјалните мрежи „на двонеделен одмор во….“ секако е најлошата работа што луѓето ја прават кога го користат годишниот одмор. Крадците не само што знаат кога ќе заминат луѓето, туку знаат и колку време тие нема да бидат во својот дом, па можат слободно да си се послужат со имотот, кој им стои на располагање.
Крадците имаат многу поголеми шанси за кражби за време на летниот период. Причина за тоа се и отворените прозорци во домовите, за да циркулира свеж воздух. Преку прозорец, крадците лесно крадат лаптопи, накит, пари и други вредности, кои се лесни за пренесување преку прозорец.
Жештините го зовриваат темпераментот на луѓето. Нервозата кај луѓето за време на жешкото време е поголема, а со тоа и агресивноста. Насилството на улиците е зголемено, па често има претепани учесници во сообраќајот, само затоа што изнервирале некој што не може да издржи на топлото време. Само во Чикаго за време на летниот период во 2012 година, во период од три дена, биле убиени 20 лица без некој посериозен повод.
Плажите се исто така одлична можност за богатење на крадците. Често парите и телефоните се потскриени под крпите на плажа, но таа навика добро ја знаат и крадците, па, така, тие од плажите заминуваат добро збогатени само од една прошетка по песокот.
Исто така, отворениот прозорец од автомобилот за тој да не биде претопол кога луѓето се враќаат од плажа, е честа причина за кражби од автомобилите. Најчесто се крадат радијата, но и вредностите што сопствениците ги оставиле во своите возила.
Пазарењето со велосипед е одлична идеја, само доколу велосипедот додека сопственикот не е до него стои заклучен, во спротивно крадците лесно можат да заминат со него.
Консумирањето алкохол е исто така причина за пораст на криминалитетот во летниот период. Ладното пиво нема да ве освежи и да ја намали температурата на вашето тело. За време на летниот период, сите сметаат дека ако се напијат ладен алкохолен пијалак ќе се освежат, но напротив, алкохолот дополнително ја покачува телесната температура, а и има влијание врз расположението и агресивноста на луѓето.
Најважното нешто што луѓето треба да го направат е да запаметат дека криминалците не се на одмор. Напротив, тие работат тогаш кога другите се на одмор. Полицијата ги советува граѓаните меѓусебно да соработуваат за време на летото. Па, така, кога веќе заминувате на одмор, добро е да ги известите вашите соседи, секако, доколку имате доверба во нив. Тоа е еден од најдобрите начини на заштита на имотот и вредностите во домовите.