Директорката на канцеларијата за гонење на криминал во австралиската сојузна држава Викторија, Кери Џад, поднела жалба на пресудата за Македонецот од Мелбурн Борче Ристевски, кој беше осуден на деветгодишна затворска казна за убиството без умисла на неговата сопруга Карен во 2016 година, пренесува австралиската телевизија Еј-би-си њуз. Како причина за поднесувањето на жалбата се наведува оти казната е „јасно несоодветна“.
Земајќи го предвид времето поминато во затвор во пресрет на пресудата, Ристевски би можел да излезе на слобода за помалку од пет години. Но, познавачите на состојбата посочуваат оти Македонецот би можел да добие и продолжување на затворската казна во зависност од одлуката за жалбата. Допрва треба да биде закажан термин во кој судот ќе ја разгледува жалбата на Ристевски.
Тој се соочи со обвинението за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. Ристевски би можел да биде ослободен по четири и пол години, земајќи го в обзир времето кое веќе го помина во затвор.
Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена. М.Ж.