Надлежните институции му определија парична казна од 2.000 евра на скопјанец кој наместо да остане во задолжителна самоизолација од ковид-19 отишол во суд.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против 41-годишен скопјанец за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, казниво по Кривичниот законик.

Обвинетиот на 9 март добил позитивен резултат од извршено тестирање за коронавирус во една лабораторија во Скопје. Но, наместо да остане во задолжителна самоизолација, како што е предвидено со протоколите за заштита на населението од заразна болест, тој веќе следниот ден излегол од домот и отишол во Основниот кривичен суд Скопје. Таму бил забележан и пријавен од службено лице од судската полиција, по што полициски службеници го сопреле и му извршиле проверка на идентитетот.

Јавниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за обвинетиот да определи парична казна од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.​​


Скопјанка се обидела да ја напушти државата со фалсификувани ковид-тестови за себе и за своите деца

Скопјанка на Меѓународниот аеродром во Скопје прикажала лажни потврди од негативни тестови за коронавирус за себе и за своите три деца и на таков начин се обидела да ја напушти државата, соопшти полицијата.

Поради ова, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетата 38-годишна скопјанка на 3 август се обидела да оствари излез од државава на граничниот премин на Меѓународниот аеродром Скопје, презентирајќи лажни потврди за негативни тестови за коронавирус за себе и за своите три деца.

Иако знаела дека не се тестирале во наведената лабораторија, таа лажните медицински сертификати ги употребила како вистински, прикажувајќи ги пред аеродромските служби.​​