Обвинетите за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, кои се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок, на денешното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни. 
 
Судскиот процес продолжува на 31 август со сослушување на сведоци предложени од обвинителството. Како сведоци повикани се Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
 

Обвинетиот Горанче Ангеловски, на денешното рочиште одби да даде воведен и не го прифати бранителот, што судот му го именува по службена должност, откако на минатото рочиште тој се откажа од својот адвокат.

Претседател на судечки совет е Добрила Кацарска. Обвинителка е Вилма Рускоска.
Ова е четврто рочиште од почеток на судењето. Претходните три расправи траеја повеќе од шест часа. Во судницата беа присутни сите 33 обвинети, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.

Судскиот процес започна минатата недела со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на обвинетите.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа. 

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.