Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд во Скопје, надлежен да
постапува по предметот на СЈО „Труст“, изготвил и доставил упатен акт за бизнисменот Сеад Кочан кој со правосилна пресуда е осуден на ефективна казна затвор од четири години и 8 месеци. Тој треба да се јави во затвор на 17 јули.
– Според упатниот акт, а согласно член 137 и 139 ст.3 од Законот за извршување санкции, осудениот е должен на 17.7.2019 да се јави на издржување на казната затвор во наведената казнено поправна установа – соопштија од Кривичниот суд.
На обвинетиот Василије Авировиќ во предметот „Труст“, скопска Апелација му изрече алтернативна мерка условна осуда, казна затвор во траење од две години која нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Сеад Кочан претходно со првостепената пресуда беше осуден на шест години затвор, а Авировиќ на три години затвор. Обвинетите беа осудени за злоупотреба на постапка за јавна набавка. И двајцата добија забрана за вршење дејност и да бидат управители или одговорни лица на правно лице во траење од три години. Третообвинениот во предметот, Сафет Ватиќ, беше ослободен од обвинението, како и неговата фирма „Вато“ ДООЕЛ.
Правните лица „Трансмет“ и „Силекс неметали – Кратово“ добија парична казна од два милиони денари. И двете фирми добија забрана за учество во јавни набавки за три години. Судот определели за нив и конфискација на имот од една милијарда и 60 милиони денари.