Пресудата за случајот „Организатори на 27 април“ треба да биде објавена денес од страна на Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинителството и одбраната ги дадоа завршните зборови на претходните рочишта, со што обвинителството смета дека обвинетите се виновни за организирање на настаните при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, додека одбраната побара ослободителни пресуди.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
Кривичниот совет за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.