Бројот на жртви во пожарот во модуларната болница во Тетово за лекување на ковид – пациенти се искачи на 14. Од Јавното обвинителство наведуваат дека се испитува дали има и други починати лица.
– Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал – велат од обвинителството.
До раните утрински часови обвинителите ги сослушувале вработените во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.
Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.