Поранешнен возач во „Дурмотурс“ денеска негираше се што кажал пред јавниот обвинител пред неколку месеци, појавувајќи се како сведок на рочиштето за несреќата што се случи кај Ласкарци.
Тој денеска истакна дека не се сеќава на ништо во врска со кобниот автобус кој го управувал од 2007 до 2014 година на релација Гостивар – Скопје и обратно, тврдејќи дека обвинителот не запишал точно што тој кажувал.
Според белешките на обвинителот, сведокот, посочил оти во автобусот имало копче за манипулација со тахографот, односно уред со кој се намалувала брзината на автобусот. Сведокот денес тврди дека не се сеќава оти имало таков уред.
Со дозвола на судијката Диана Груевска Илиевска, обвинителот Дарко Јакимовски на сведокот му го прочита неговиот исказ во ЈО, каде кажал дека во автобусот што учествувал во несреќата имало вградено таков уред, за кој морало да знае шефот на возниот парк.
Судењето на кое се испитуваат сведоци е во доказна постапка. Во несреќата во февруари загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.