Ова не е терористички чин, засега е најблиска верзијата за човечка грешка. Ова го изјави на денешната прес-конференција директорот на Националната истражувачка служба, Борислав Сарафов во врска со инцидентот со автобуската несреќа на автопатот Струма.
– Се шират муабети дека биле превезувани туби со бензин и нафта. На местото се пронајдени три туби, кои не се полни. Не се запалиле, пожарот не е настанат од нив. Немало експлозија, туку она што го слушнале оние што биле во близина е ударот, силниот удар на автобусот во банкината од десната страна, за којашто кажав дека не ѝ е местото таму. Немало експлозија – изјави Сарафов.
Тој додава дека истрагата е се’ уште во тек и дека додека не се истражи целосно не треба да има шпекулации.
– Во медиумите се прикажува дека има по 15 до 20 очевидци, а нема очевидци. Ние не сме испрашале ниту еден очевидец, освен оние кои преживеале во несреќата. Ќе замолам да нема шпекулации и да се известува професионално. Сведоци нема ниту еден. Прво се распитани двајца од оние кои патувале во автобусот, кои биле будни и тие даваат точни и објективни сознанија. Распитани се посебно еден од друг и кажуваат исти верзии за настанот. Се испрашуваат уште двајца од преживеаните – вели Сарафов.