Двете снимки што ги донесе Антонијо Милошоски се дадени на вештачење и го чекаме наодот од тие вештачења, рече обинителката Вилма Русковска по вчерашните обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски дека и по 48 часа по предавањето на снимките нема никаква реакција од Русковска.
– Го замолив Милошоски, доколку може, да обезбеди и сведоци кои би го поткрепиле тоа што е на снимката и на едната и на другата – рече Русковска, откако Милошоски предаде две аудиоснимки, кои наводно покажуваат дека експремиерот Зоран Заев одамна знаел за начинот на кој се финансира 1ТВ на Бојан Јовановски и дека се мешал во работата на Врховниот суд.
Таа го оцени како многу невкусно користењето на нејзиното име од страна на Мицкоски.
– Мислам дека е многу невкусно лични имиња да се користат во предизборна кампања. Доколку кој било има замерка на моето постапување, тоа треба да го пријави. Ако нема доверба во јавниот обвинител на Република Македонија, тогаш до Советот на јавните обвинители – рече таа.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера на протестниот марш побара покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на експремиерот Зоран Заев и истрага од тим на обвинители „кои нема да ги одбере Русковска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност“.