Пратеничката и експретседателка на Собранието, Фросина Ременски, по еден час поминат кај судијата на претходна постапка за случајот „Рекет“, изјави дека не чувствува вина и дека ќе соработува со обвинителството со цел целосно да се расчисти случајот.
Обвинителството ја сомничи дека таа со својот авторитет оставила впечаток дека зад проектите на Меѓународниот сојуз стои извршната власт и на тој начин помогнала да се изнудуваат пари од големи компании на сметката на оваа невладина организација.
Иако вчера премиерот Зоран Заев изјави дека секој функционер кој се сомничи или е обвинет за некое кривично дело ќе биде отстранет од партијата, Ременски изјави дека нема намера да се повлече од функциите.
Се очекува пред судот да се појави и таткото на Боки 13, Миле Јовановски и неговата асистентка Кристина Карајованова.
Судијката на претходна постапка во текот на денот ќе одлучи дали на Ременски ќе ѝ одреди некоја од мерките на претпазливост, што ги бара обвинителката Вилма Русковска – одземање на патна исправа, забрана за напуштање на престојувалиштето (Скопје) и еднаш неделно задолжително јавување во судот.
Јовановски, Ременски, Мандиќ, таткото на Јовановски и Карајованова, според истрагата, биле вмешани во спорен трансфер на околу 720.000 евра преку две градежни фирми до Меѓународниот сојуз.
Според обвинителството, првосомничениот Боки 13 како претседател на невладината организација на бизнисменот Силјан Мицевски му извлекол огромна сума на пари врз основа на проект за изградба на пензионерски дом во Битола. Вториот бизнисмен за кој Јовановски се сомничи дека извлекол пари на истата основа е Ардијан Амзоски.