Полицијата пронашла 13 мигранти во возило „ауди а8“ во близина на с.Сарамзалино, општина Лозово.
Претходно полицајците го забележале возилото како поминало покрај нив со голема брзина. По кратко време возилото било пронајдено со мигрантите во него.
– На 04.06.2021 околу 06.30 часот на клучка Велес во правец на Свети Николе, полициски службеници забележале патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки за кое постоеле сознанија дека е претходница во случај на криумчарење на мигранти. Откако тргнале по возилото, полициски службеници забележале друго возило „ауди а8“ без регистарски ознаки кое поминало покрај нив со голема брзина. По кратко време возилото „ауди“ било пронајдено во близина на с.Сарамзалино, општина Лозово и во него биле пронајдени 13 лица мигранти од Пакистан – соопшти МВР.
За настанот бил запознаен Јавен обвинител и по негова насока дел од мигрантите ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, а дел во транзитниот центар во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.